Унгарската министерка за надворешни работи Анита Орбан денеска изјави дека поднела кривична пријава против поранешниот министер Петер Сијарто и неговиот тим поради тоа што во текот на изминатите четири години редовно користеле летови на скапи приватни компании, наместо редовни авионски линии, пренесе британската агенција Ројтерс.
Извештајот поднесен од министерката Анита Орбан претставува најнов во низата наоди на новата влада во рамките на борбата против корупцијата, откако премиерот Петер Маѓар го замени Виктор Орбан по 16 години владеење, благодарение на убедливата победа на изборите во април.
Орбан ги отфрли обвинувањата за корупција. Неговиот портпарол, Берталан Хаваши, во писмен одговор до Ројтерс наведе дека летовите на министерот за надворешни работи биле целосно во согласност со релевантната владина уредба.
„Во последните години, службените патувања за потребите на Министерството за надворешни работи и трговија се организирани со примерна ефикасност“, рече Хаваши и додаде дека затоа Сијарто заслужува пофалби, а не политички мотивирани напади.
Во видеоснимка објавена денеска на Фејсбук, Анита Орбан изјави дека во аранжманите за патувањата на Сијарто и неговиот тим немало никакви индикации дека се водело сметка за заштеда.
Таа наведе дека документите и истрагата покажуваат оти овие патувања, во периодот од 2022 до 2026 година, во просек чинеле речиси шест пати повеќе, односно четири милијарди форинти (12,6 милиони долари) повеќе отколку што би чинеле редовните билети во бизнис-класа.
„Откриените факти затоа создаваат сомнеж за несовесно управување со средствата што предизвикало значителна загуба, а исто така го отвораат и прашањето за одговорноста на поранешното раководство на министерството“, додаде таа.












