| Критиките од известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, дека земјава не постигнала напредок во реформите, што тој ги изнесе во интервју за бугарски медиум, предизвикаа жесток судир помеѓу власта и опозицијата во земјава. Од СДСМ велат дека критиките од Вајц се сериозен аларм за стагнацијата и за недостатокот на реформи. Опозицискиот лидер, Венко Филипче, дополнително го предизвика Мицкоски околу ветувањата за името и европскиот пат. Според премиерот Христијан Мицкоски, пак, опозицијата, со барањето за уставни измени повторно би го загрозила достоинството на граѓаните. Во меѓувреме, од Брисел стигнуваат предупредувања дека без реформи, земјата ризикува да изгуби значајни средства од ЕУ
|
ИЗВЕСТУВАЧОТ ОД СОФИЈА ГО ЗАОСТРИ ТОНОТ ЗА МАКЕДОНИЈА
Не знам кој извештај сте го читале од известувачот Томас Вајц, напротив, извештајот што јас го имам слушнато е комплетен антипод од вашите прашања, рече премиерот Христијан Мицкоски, прашан да ја коментира изјавата на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, дека земјава не постигнала никаков напредок во реформите во последната година. Во однос на ставот на опозицискиот СДСМ дека треба да се направат уставни измени, Мицкоски вели дека со тоа, опозицијата порачува дека ако ѝ се даде шанса, уште еднаш ќе го згази достоинството на граѓаните за свои интереси.
– Можев да го видам настанот што вчера го организираше СДСМ во рамките на македонското Собрание и да ја слушнам изјавата од претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Јас само ќе потсетам, мислам дека на овој билборд овде стоеше 2018 година, кога го менува името по насилен пат, стоеше дека ќе имаме подобро образование или здравство. Мислам дека токму на овој билборд овде беше. Донесоа ли кога го сменија името бесплатно здравство, донесоа ли поквалитетно образование, подобра економија, повисоки пензии, повисоки стипендии, донесоа ли? Не, само неколкумина од голтари станаа милионери. Ете, тие исти голтари што станаа милионери, денеска без ни малку срам излегуваат пред македонските граѓани и им велат уште еднаш ќе ве клекнеме на колена, ако ни дадете можност, уште еднаш ќе играме на вашето достоинство. Уште еднаш ќе чепкаме по вашата душа, ама ние ќе заработиме уште некој милион со тоа што ако ни стават бел лист хартија на маса, ќе го потпишеме, изјави Мицкоски.
По критиките од Вајц за немањето напредок во реформите во земјава, реагираа од опозицискиот СДСМ. Оттаму велат дека изјавата на известувачот е јасна и алармантна потврда на она што СДСМ го предупредува со месеци.
– Со Мицкоски нема напредок, нема реформи, со директна оценка дека „во последната година не видовме никаков напредок“. Вајц експлицитно вели дека не гледа сериозна посветеност на Владата за реформи, особено во владеењето на правото. И клучен и најголем проблем: корупција и нефункционално судство. Ризикот е губење европски пари, средствата од ЕУ ќе одат во други земји наместо во Македонија. СДСМ со месеци предупредува дека власта на Мицкоски свесно ја турка државата во изолација за да може без контрола да спроведува криминални тендери. Граѓаните заслужуваат европска иднина, а не изолација, стагнација и криминал, стои во соопштението од СДСМ.
Опозицискиот лидер Венко Филипче, преку социјалните мрежи, го праша премиерот зошто не го врати името како што ветувал пред изборите:
– Мицкоски денеска повторно зборува за името. Кога клечеше и молеше за власт, ветуваше дека ќе го врати името и ќе го поништи Преспанскиот договор, а нас нè нарекуваше предавници. Па зошто не го враќаш името, БЈРМ? Затоа што знаеш дека тоа значи излез од НАТО и крај на европскиот пат. Лажеше тогаш. Лажеш и сега. Толку е со лажниот патриотизам со бугарски пасоши. Доаѓа времето на вистината, напиша Филипче на „X“.
Реакциите следуваа откако известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во интервју за „Еуроњуз Бугарија“ изјави дека во последната година земјава нема постигнато никаков напредок во спроведувањето на реформите и предупреди дека доколку не ги спроведе, нема да ги добие парите од Планот за раст.
– Ако земјата не ги спроведе потребните реформи, 47 милиони евра нема да одат кај неа, туку кај соседните земји, вели Вајц во интервјуто.
Вајц нагласи дека впишувањето на малцинствата, меѓу кои и Бугарите, во македонскиот Устав е неопходен чекор и услов за откочување на преговорите за членство во Европската Унија, иако проблемот не е само вклучувањето на Бугарите во Уставот и започнување на преговорите, туку и застојот во реформската агенда. Тој во интервјуто, како позитивен пример го наведува договорот меѓу Бугарија и Македонија за Коридорот 8, кој, според него, има стратешка важност и за НАТО и за регионалната безбедност, а клучните реформи за пристапување во ЕУ се поврзани со владеењето на правото, борбата против корупцијата и обезбедувањето независен и ефикасен судски систем.
– Корупцијата е рак во нашите општества, вклучително и во ЕУ. Прашањето е дали институциите имаат капацитет, волја и политички простор да дејствуваат. Сè уште очекуваме видливи подобрувања од Северна Македонија, вели Вајц.
Според него, Македонија сè уште има шанса да се приклучи кон ЕУ заедно со Албанија и Црна Гора во текот на овој мандат на Европскиот парламент, доколку сериозно се обврзе на реформите.
– За жал, во моментов, не гледам доволна политичка волја, особено во делот на владеењето на правото и независноста на судството. Но, нема да се откажам – мојата улога е да поддржам и да помогнам регионот да напредува, истакнува европратеникот во интервјуто.
Минатата недела, директно предупредување до земјите од Западен Балкан испрати и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која ги стави под силен притисок да испорачаат резултати за да не останат без повеќе од 700 милиони евра или речиси 12 % од целиот пакет од Планот за пораст, вреден 6 милијарди. Кос предупреди дека земјите од регионот се соочуваат со сериозен ризик да ги загубат парите од европскиот План за пораст доколку навреме, до средината на годината, не ги спроведат договорените реформи. Кос, преку писмо до владите во регионот јасно порачала дека истекува времето и дека финансиската поддршка е директно условена од конкретни резултати. Таа побарала од сите да ги забрзаат реформите предвидени со Планот за пораст, со цел да се искористи целосниот потенцијал на овој финансиски пакет. (В. С. Н.)
Европски фронт собира потписи за уставни измени, од „Вреди“ велат: Нема да бидеме дел од оваа пародија
Пратениците од Европскиот фронт започнаа иницијатива за собирање потписи за отворање постапка за уставни измени, повикувајќи се на член 130 од Уставот, според кој ваков предлог може да поднесе најмалку 30 пратеници. Од Фронтот порачуваат дека станува збор за неопходен чекор за деблокирање на евроинтегративниот процес и повикуваат на поддршка од сите парламентарни партии, и од власта и од опозицијата. Тие апелираат, особено до пратениците од ВЛЕН, да ја поддржат иницијативата и да ги исполнат, како што велат, претходно дадените ветувања за продолжување на европскиот пат. Според нив, државата веќе изгубила драгоцено време без напредок и постои ризик да заостане зад другите земји од регионот во процесот на пристапување кон ЕУ. Од Европскиот фронт посочуваат дека без уставни измени нема реален напредок кон ЕУ и предупредуваат дека се загрозуваат и клучните договори и стратешката стабилност на државата.
– Ова не е прашање поврзано со партиски интереси или политички калкулации. Ова е суштинско прашање за стратешката ориентација на државата и за иднината на нашите граѓани. Почнувајќи од денес, секој пратеник има можност јасно да се определи: за деблокирање на процесот или за продолжување на блокадата; за европскиот пат или за изолација; за иднината на државата или за тесни партиски калкулации, изјави Блерим Беџети.
Од „Вреди“ реагираа на иницијативата, оценувајќи ја како неискрена и политички мотивирана. Оттаму велат дека ДУИ нема кредибилитет да зборува за европски вредности, посочувајќи на минатото делување на нивните функционери.
– Вреди ја смета денешната иницијатива на ДУИ за лекомислена и самосаботирачка, што е повеќе како сатирична пародија отколку нешто што вреди да се сфати сериозно. ДУИ сериозно ги навредува ЕУ и Албанците кога Блерим Беџети зборува за европски вредности. Вреди нема намера да стане дел од оваа пародија. Европската интеграција бара сериозен и искрен пристап. Владата е фокусирана на Агендата за реформи, која се спроведува со голем успех, соопштија од Вреди.












