Наместо плоштад „Илирија“, враќање на претходното име „Маршал Тито“? Ваква можност се појавува откако Уставниот суд вчера поведе постапка за оцена на уставноста и законитоста на одлуката на општинскиот Совет на Тетово со која уште во 2007 година беше сменето името на централниот градски плоштад, но и на уште десетина булевари и улици. Сето тоа ќе биде јасно откако во блиска иднина уставните судии ќе се изјаснат поединечно дали ќе се укине или поништи одлуката на Советот. Сега, мнозинство уставни судии, поведувајќи ја постапката, изразиле сериозно сомневање дека одлуката не била донесена согласно со Уставот и со постојните закони.
Односно, за мнозинство судии биле прифатливи наводите на иницијаторите од Сојузот на борците на НОБ и граѓаните продолжувачи од Тетово, кои лани во февруари ја оспорија одлуката донесена уште во април 2007 година. Тие наведоа дека Советот ја донел одлуката без исполнување на претходниот услов да има согласност од Владата, а што го предвидува специјалниот закон за определување на имињата, донесен уште во 2004 година. Освен ова, одлуката на Советот била и во спротивност со одредбите од Законот за употребата на македонскиот јазик, кој бара имињата на улиците да бидат напишани на македонски јазик и на неговото кирилско писмо. Оттаму незаконски било улицата, на пример, да се вика „Конгреси и Манастирит“ или „Дешморет е комбит“, бидејќи се напишани на албански јазик, но на кирилско писмо, а е потребно да бидат напишани со македонски превод и на кирилско писмо. Спорната одлука во 2007 година била донесена едногласно, со поддршка од сите партии во тогашниот општински Совет.
– Очекуваме Уставниот суд да ја укине одлуката како неуставна и незаконита. Спорноста на одлуката произлегува од нејзината едностраност, односно таа е донесена без исполнување на законските услови. Спорната одлука, и покрај тоа, се применува од страна на Општина Тетово и нејзините јавни претпријатија, иако државните органи не ја применуваат, поради што произлегува и потребата од постапка за нејзино укинување – соопштија од Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи од Тетово.
Од друга страна, Општина Тетово последниве месеци иницира нов процес на преименување и на определување имиња на нови сообраќајници и јавни објекти. Врзано со тоа, Организацијата на тетовските борци неодамна испрати отворено писмо до тетовскиот градоначалник, Билал Касами, во кое бара да нема преименување на градските улици што носат имиња од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народностите.
– Се надеваме дека општинските власти ќе извлечат поука од последната одлука на Уставниот суд и нема да донесат нова одлука за ново преименување без да се исполнат законските услови, бидејќи пак ќе ја оспориме таквата одлука – изјави за весникот ВЕЧЕР Даријан Сотировски, член на Претседателството на Сојузот на борците на НОБ од Тетово. (Б. Ѓ.)












