Бесплатните униформи за средношколците во Скопје отворија различни ставови кај родителите. Дел од нив сметаат дека конечно ќе се стави крај на натпреварот кој носи поскапа облека, додека други велат дека вистинските проблеми во училиштата не се решаваат со нови униформи. Прашањето што се наметнува е дали ова ќе донесе поголема еднаквост или само ќе го одвлече вниманието од подлабоките проблеми во образованието.
По најавата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски дека сите ученици во средните училишта во Скопје ќе добијат бесплатни училишни униформи, се отвори дебата меѓу граѓаните. Многумина ја поздравуваат мерката, бидејќи сметаат дека конечно ќе престане трката кој носи поскапа гардероба, брендирани патики и скапи јакни. Велат дека денес многу деца се чувствуваат помалку вредни само затоа што нивните родители не можат да им купат скапа облека.
Но, има и такви што сметаат дека проблемот не е во маицата или панталоните, туку во состојбите во образованието. Според нив, на учениците повеќе им требаат подобри учебници, реновирани училници, функционални тоалети, современа опрема и повеќе грижа за безбедноста, отколку нова униформа.
– Нека учат, а не да се мерат по патики и маици – велат едни родители. Други, пак, прашуваат: – Добро звучи, ама дали униформата ќе ги реши вистинските проблеми во училиштата?“: – Убаво е што ќе биде бесплатно, ама дали тоа ќе го намали врсничкото насилство? Дали ќе ги натера децата повеќе да учат?“, се само дел од коментарите што се појавија на социјалните мрежи.
Од Град Скопје велат дека целта е сите ученици да бидат еднакви и никој да не се чувствува помалку вреден поради тоа што носи. Според нив, училиштето треба да биде место каде што се вреднуваат знаењето, трудот и воспитувањето, а не дебелината на паричникот на родителите.
– Училиштето треба да биде место каде што младите ќе се натпреваруваат во знаење, труд и успех, а не во тоа кој носи поскапа облека и чии родители имаат поголема финансиска моќ – наведе Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочи дека со воведувањето на униформите ќе се олесни финансискиот товар за семејствата и учениците ќе можат повеќе да се фокусираат на образованието, личниот развој и својата иднина.
Од Град Скопје сметаат дека униформите ќе придонесат за воспоставување еднаков и достоинствен кодекс на облекување, практика која, како што наведуваат, веќе се применува во голем број современи образовни системи.
– Вредноста на еден ученик не се мери според облеката што ја носи, туку според знаењето, карактерот и соништата што ги гради – порача градоначалникот и додаде дека преку повеќе мерки се работи на создавање училишна средина во која секое дете ќе се чувствува прифатено, почитувано и еднакво, без разлика на економскиот статус на семејството.
(С.Бл.)












