Франција повлекува седум милиони кондоми од европскиот пазар поради производствен дефект што може да доведе до нивно кинење или појава на ситни дупчиња. Францускиот орган за заштита на потрошувачите најави забрана за продажба на 15 видови кондоми кои би можеле да претставуваат здравствен ризик за корисниците, пренесува германската новинска агенција dpa.
Повлекувањето опфаќа неколку брендови, меѓу кои: My Lubie, Einhorn, Adloran, R&S Consumer Goods, Amor, Primeros и You Me. Надлежните предупредуваат дека неисправните кондоми може да го зголемат ризикот од сексуално преносливи инфекции и несакана бременост.
Дел од кондомите беа повлечени од пазарот уште претходно оваа година. Подоцна, при инспекција на производните капацитети, беа откриени неправилности во производството на ултратенки кондоми – конкретно, нееднаква дебелина на гумениот слој.
Овој дефект може да ги направи кондомите помалку отпорни на кинење и да доведе до појава на ситни дупчиња на нивната површина. Како резултат на тоа, тие можеби нема да ја обезбедат очекуваната заштита од сексуално преносливи инфекции и несакана бременост.
Францускиот орган за заштита на потрошувачите предупреди дека дел од неисправните производи може сè уште да се наоѓаат во продавниците или кај потрошувачите. Станува збор за кондоми произведени пред да бидат откриени неправилностите, а кои веќе биле пласирани на европскиот пазар.
Со оглед на можноста ваквите производи сè уште да се достапни, надлежните органи одлучија да го прошират повлекувањето на вкупно седум милиони кондоми и да ја забранат понатамошната продажба на засегнатите видови, пренесува „Хина“.












