Ех, каков концерт и само какви сеќавања, на едно поминато време кое никогаш нема да се врати. Станува збор за концертот под отворено летно ведро небо на легендарниот македонски шлагерски и поп-пејач Драган Мијалковски кој уште со право го држи местото под естрадното (македонско) сонце. Неговиот синоќешен настап беше воедно и во чест на жртвите од катастрофалниот скопски земјотрес под симболичен наслов „Скопје, радост моја“. Концертот со Мијалковски ја оживеа меморијата за едно Скопје кое и во најтешките моменти знаеше да ја претвори тагата во надеж, а тишината во песна. Ниту во еден миг не беше тоа спомен на ужасот, туку достоинствен подарок кон животот и непобедивиот дух на скопјаните кои не дозволија катастрофата да ја уништи љубовта кон нивното и нашето сакано Скопје.

Па, така безвременското пејачко творештво на се уште саканиот од публиката Драган Мијалковски ни за миг не губи од својата свежина. Секако поради песните кои секогаш со Драган заедно ги пееме.

Тешко е сите хитови да се набројат, но на овој концерт, кој се случи на плато пред обновената преубава фонтана “Цветот на лотос“ на влезот во Градскиот парк, и пред повеќе над илјада присутни, слуш(н)авме во живо со оркестарот на “Радио бубамара“, 30-тина евергрини: „Кажи ми, кажи“, “Поета“, „Ти си ми се“, „Оди си, друг да те сака“, „Моја малечка гулабице“,„На 223-305“, „Гитаро моја“, „Кажи нешто драга, макар и лага“, “Иди, душо моја“, “У једном малом граду поред Дунава“, ,„Убава си како музика“, „На разделба“, „Те љубам“, „Скопје, радост моја“….некои од овие беа испеани и на бис.

Посебно пријатно изненадување за сите беше фолк-хитот „Дојди ми Лено на перниче бело“, со кој тандемот Мијалковски-Алачки,убедливо победија на „Валандовскиот фолк-фест“. Но, нашиот Драган во текот на богатата кариера соработуваше и со плејада други значајни композитори од целата поранешна Југославија: Никица Калоѓера, Војкан Борисављевиќ, Зденко Руњиќ, Сања Илиќ, Ѓело Јусиќ, Александар Кораќ, и секако со нашите: Тодор Бојаџиев, Ванчо Димитров, Драган Ѓаконовски-Шпато, Кире Костов, Димитар Масевски….

(Д.М.) фото:П.Стојановски

 

 

ИЗДВОЕНИ