Трите највисоки места на 64. државен натпревар на ученици во основното музичко образование, кој се одржа на 6 и 7 април 2026 година во Скопје, ги освоија учениците од основното општинско училиште „Свети Јоаким Крчовски“, во две дисциплини: пијано и хармоника.
Професорката по музичко и наставник ментор, Лариса Жулина- Митовски, информираше дека второодделенката Уна Златановска ја освоила првата награда, Михаил Митровски – втората награда и Мила Младеновска, трето одделение – третата награда.
Во дисциплината хармоника, браќата Јован и Павел Јосифовски ја освоија третата награда, а работеа под менторство на професор Дејан Ангеловски.
Натпреварот го организираше Здружението на музички и балетски педагози, во соработка со Министерството за образование и наука.
– Овие натпревари се реализираат како постојана и значајна манифестација во рамките на системот на стручното музичко и балетско образование, со цел: вреднување на стекнатите знаења, умеења и вештини на учениците, рангирање според постигнувањата, откривање и поттикнување на талентираните ученици и согледување на степенот на развој на музичкото образование. Исто така, целта е да се реализира професионална ориентација на наградените ученици, како и размена на педагошки искуства – изјави Жулина-Митовски.












