Најстарата македонска православна црква во Канада не е само духовен храм туку и културен центар каде што се негуваат јазикот, обичаите и заедништвото меѓу генерациите иселеници. Во Торонто и околината постојат неколку македонски православни цркви, кои не се само центри на духовниот живот на Македонците во Канада туку и културни и едукативни центри. Најголема и најзначајна е црквата „Свети Климент Охридски“, првата македонска црква во Канада. Овој црковен дом за Велигден е преполн со иселеници од сите делови на Македонија, кои заеднички го одбележуваат. Црквата е убава, исполнета е со живописни фрески и икони и има резбан иконостас. Има три сали, кујна за над 2000 посетители, помошни простории и паркинг.
Во рамките на црквата има повеќе групи: „Македонка“, „Солунски бисери“, литературно друштво „Браќа Миладиновци“, женска секција, драмска секција, шаховска секција, спортска секција, библиотека, црковен хор и други групи. Во просториите на црквата работи и пензионерскиот клуб „Гоце Делчев“.

Македонката Олгица Стојческа, која долги години живее во Канада и која е една од поранешните хористки во црковниот хор, вели дека со внимание ги следи велигденските активности во црквата „Свети Климент Охридски“ и за неа особено значајна е подготовката на милиброд, кој е едно од задолжителните јадења на велигденската трпеза.
– Во Торонто и околината има пет православни цркви, а најголема е „Свети Климент Охридски“, во која се прославуваат сите верски празници и која е место на дружење на сите Македонци – од најмало до најстаро. Инаку, за Велигден, во црквата се прават сите обичаи и се почитува традицијата. Во црквата има женска секција, која има 40 членки и е многу активна. За Велигден, жените од оваа секција подготвуваат милиброд и други македонски специјалитети што се карактеристични за празникот. Овие специјалитети се подготвуваат во поголеми количини за сите посетители на црквата. Велигден и другите верски празници се вистинско доживување за жените, бидејќи, освен можноста да ги покажат своите кулинарски способности, тие се дружат, ја негуваат традицијата и си разменуваат искуства. Во текот на празниците, сите пари што се собираат се наменети за потребите на црквата – вели Олгица.

Таа вели дека во црквата, освен Велигден и другите верски празници, се одбележуваат и многу култури настани, а во големата сала се пречекуваат и сите гости од Македонија. Црквата не е само верски храм туку и место што ги обединува сите Македонци, со други зборови, таа е македонски центар за поколенијата.
– За Велигден, во црквата „Свети Климент Охридски“ се собираат поповите од сите пет православни цркви во Торонто и околината и држат литургија. Тоа претставува посебен свечен ритуал, кој е проследен со црковни песни во изведба на хорот. Оваа литургија ја има пет недели по ред, во сите православни цркви во Торонто, а за Велигден, сите пет попа држат литургија во црквата „Свети Климент Охридски“. Вечерната литургија во сабота започнува во 22:00 часот и трае до 1:00 часот по полноќ. Поповите, во придружба со членовите на хорот, кружат три пати околу црквата. Кога ќе дојде до вратата, главниот поп чука три пати на неа и кога ќе се отвори таа, значи дека Исус Христос е воскреснат – вели нашата соговорничка.

Пред и во текот на Велигден, црквата е постојано полна со посетители и започнувајќи од среда, сите денови се одржува литургија, а главната е во сабота навечер.
– По литургијата, сите што постеле може да се причестат и секој може да си земе јајце. За Велигден, во црквата се собираат преку 1.000 јајца, кои им се делат на посетителите. За Лазарова сабота, ден пред празникот Цветници, што е една недела пред Велигден, се носат гранчиња од врба, што симболично го претставува свеченото влегување на Исус во Ерусалим. Во текот на Цветници, пак, во црквата се носи многу цвеќе, кое се положува на гробот на Исус во црквата – вели Олгица.

Таа раскажува дека црквите имаат особено значење во дијаспората, бидејќи тоа е единственото место каде што може да го почувствуваат македонскиот дух, со еден збор, црквата претставува Македонија во мало и иселениците се чувствуваат како дома.
– Во рамките на црквата има и школа за изучување на македонскиот јазик. Многу Македонци што се родени во Канада не го знаат македонскиот јазик и црквата претставува единственото место каде што може да научат македонски, како и нешто повеќе за македонската култура и за македонската традиција. Во црквата се негува и македонскиот фолклор и тука многу игроорни друштва од Македонија имаат свој настап. Во црквата се одржуваат и многу концерти на македонски пејачи и пејачки, се прават приватни прослави и свадби – додава Олгица.
Освен Македонци, во црквата „Свети Климент Охридски“ доаѓаат и други иселеници што се од православна вероисповед.

Црквата „Свети Климент Охридски“ е првата македонска православна црква во Канада, која е катедрална и е една од најзначајните и најпознати цркви и културно-просветни институции на Македонците во Северна Америка и пошироко. Иницијатива да се формира црковна општина се родила на четвртиот Илинденски пикник, кој го одржала националната организација „Обединети Македонци“ во 1962 година. Така, на собирот одржан на 7 август 1962 година била донесена одлука за изградба на црквата „Свети Климент Охридски“. На 5 април 1964 година бил поставен камен-темелникот на црквата, а на 18 април 1965 година биле предадени клучевите на новата македонска православна црква „Свети Климент Охридски“ и биле отворени нејзините свети порти за сите Македонци, без разлика од кој дел на Македонија дошле.
(А. С.)












