Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски, денеска му ја врачи специјалната награда од стручното жири на основното училиште „Лазо Трповски“, која ја освои тоа на меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2026, кој традиционално се одржува во Берлин, Германија. Исто така, на наградените ученици од 4а одделение и на наставниците ментори, Ирена Грегориќ и Стефан Симовски, им врачи дипломи. Како што изјави за весникот ВЕЧЕР наставникот Стефан Симовски, учениците од 4а одделение изготвиле макета на Сончевиот Систем со сите планети. Воедно, конструирале и ракета што, согласно со називот на проектот, треба да ги однесе до планетата Јупитер за да видат дали има живот таму и живот околу неговите месечини

 

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски, денеска му ја врачи специјалната награда од стручното жири на основното училиште „Лазо Трповски“, која ја освои тоа на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2026 што традиционално се одржува во Берлин, Германија.

Исто така, на наградените ученици од 4а одделение и на наставниците ментори, Ирена Грегориќ и Стефан Симовски, им врачи дипломи.

На настанот присуствуваше градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој ги поздрави наградените.

– Овој успех е потврда дека знаењето, креативноста и посветеноста на младите може да донесат големи резултати. Нашите ученици покажаа дека кога имаат поддршка и можност да го развијат својот потенцијал, може да постигнат значајни успеси и на меѓународно ниво – истакна Лукровски, честитајќи им на учениците и на нивните наставници за овој значаен успех.

Се работи за заедничкиот проект „Нашето патување на Јупитер“ изготвен од учениците од 4а одделение, кој беше координиран од двајца наставници во својство на ментори, Ирена Грегориќ и Стефан Симовски.

Како што изјави за весникот ВЕЧЕР наставникот Стефан Симовски, учениците од 4а одделение изготвиле макета на Сончевиот Систем со сите планети. Воедно, конструирале и ракета што, согласно со називот на проектот, треба да ги однесе до планетата Јупитер за да видат дали има живот таму и живот околу неговите месечини.

– Учениците работеа различни делови од различни материјали, како што се пластелин, стиропор, пластика итн. Секој беше задолжен за одредена изработка. Проектот го работеа еден месец, а потоа беше испратен електронски до Берлин. Притоа, ја добија специјалната награда од стручното жиро – истакна Симовски.

Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин, во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузната конференција за образование и истражување на Германија, „Луфтханза техник АД“ и концернот ЕАДС (во чии рамки влегува и познатиот производител на патнички авиони „Ербас“).

Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и од четврто одделение годинава ја донесе деветчлено стручно жири, составено од претставници на организаторот Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин, универзитетски професори (астрофизичари), наставници, германски владини претставници, германски парламентарци, медиумски работници и претставници на         концернот „Ербас“.

Учеството на овој меѓународен натпревар ООУ „Лазо Трповски“ го реализираше како воннаставна активност.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ