Акцијата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и на Министерството за внатрешни работи отвори сериозни сомневања за постоење добро организирана мрежа која стои зад нелегалниот увоз и дистрибуција на медицински средства што се користат во естетските третмани.
Според официјалното соопштение, под раководство на јавен обвинител, се спроведува обемна истрага за кривичните дела злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост, неовластена употреба на туѓа фирма и примање поткуп. Полицијата изврши претреси на повеќе локации низ државата и приведе повеќемина за кои постои сомневање дека се дел од синџирот – од увоз до апликација на препаратите. Неофицијално, одземено е поголемо количество медицински лекови и медицински помагала, пари, телефони. Според првичните информации, филерите биле од Кина, Србија и од Турција, без упатство за употреба.
Информациите од истрагата се дека дел од приведените се лекари, сопственици на дерматолошки ординации, организатори на транспорт и продажба.
Со години, паралелно со легалниот, функционира и „црн пазар“ на ботокс, филери и слични препарати. Овие производи често се нудат по значително пониски цени, преку социјални мрежи или во нерегистрирани ординации. Додека во легални услови, третманите се изведуваат со регистрирани препарати, под медицински надзор, во „сивата зона“ најчесто станува збор за производи со непознато потекло, без контрола и без гаранција за безбедност.
Филери во куфер, ботокс во багаж – како влегуваат во земјава
Ако ги видиме претходните акции на Царинската управа, заклучуваме дека ваквите производи често се обидуваат да се внесат во земјава нелегално – скриени во возила или како непријавена стока. На пример, на граничниот премин Деве Баир, пред три години, биле запленети 300 парчиња филери во вредност од околу 9.000 евра, скриени во возило и непријавени при влез во државата. Во друг случај, цариниците спречиле шверц на лекови и медицински препарати, вклучително и ампули и супстанции што не се регистрирани во земјава, а кои директно се користат врз пациенти. Според сознанија од истрагите, дел од препаратите потекнуваат од странство и се набавуваат по значително пониски цени, а потоа се пласираат на домашниот пазар без соодветна проверка.
Најголемиот аларм, според медицинската фела, е токму цената. Неофицијално, на црниот пазар, третманите може да бидат и двојно поевтини од оние во регистрирани здравствени установи. Според јавните дискусии, ботокс „на црно“ може да оди и 2.000 – 3.000 денари по регија или од 30 % до 50 % поевтино од легално, филери „на црно“ од 2.500 – 5.000 денари за 1 мл, понекогаш и помалку, а легално често е двојно или тројно повеќе, особено ако станува збор за позната трговска марка. Често се нудат и „пакети“ по ниски цени и попусти преку „Инстаграм“ или „Вибер“, а третманите се одвиваат во станови или салони.
На социјалните мрежи, темата веќе подолго време е предмет на дебата. Дел од корисниците предупредуваат на сомнителни понуди и нерегулирани третмани. Зорица од Скопје пишува дека при еден ваков третман ѝ била упропастена устата: „Целата ми беше со топчиња, а првите десет дена не можев да ја отворам, ми беше модра и имав огромна топка на долната усна“, пишува незадоволната жена на страницата на една ФБ-група.
Лекарите во многу наврати предупредуваат дека овие процедури не се козметички, туку медицински интервенции кои бараат стручност, стерилни услови и проверени препарати.
„Евтин ботокс, скапи последици: Ризик по здравјето од диви третмани“
Неправилната апликација или употреба на фалсификуван производ може да доведе до сериозни последици, од инфекции и асиметрии, до трајни оштетувања на ткивото, па дури и до животозагрозувачки состојби.
„Од ткивни инфекции, компликации на кожата кои може да доведат до сепса, затнување на крвните садови поради кои може да дојде до изумирање на дел од ткивото со трајни последици и нагрдување, системска реакција, така што последиците се сериозни и дел од нив се неповратни како слепило, што може да биде последица на затнување на крвен сад со хијалуронски филер“, предупредуваа од Здружението на дерматовенеролози.
Лекарите предупредуваат дека има и такви кои самите си вбризгуваат инјекции, што може да доведе до ризик од „паднати очни капаци“, инфекции, па дури и ботулизам.
Случаите со црниот пазар за разубавување отвораат прашања и за контролата и за надзорот врз приватните ординации, што со години беше посочувано како слабост во системот. Од надлежните институции најавуваат дека истрагата ќе продолжи со засилено темпо, со цел целосно разоткривање на мрежата и санкционирање на сите инволвирани. (П. А.)












