Американската војска подготвува нови воени планови за удари врз иранските капацитети во Хормускиот Проток, доколку пропадне примирјето што е во сила, јавува Си-ен-ен, повикувајќи се на повеќе извори.
Истовремено, САД планираат по првпат да стационираат три носачи на авиони во регионот на Блискиот Исток во наредните денови. „УСС Абрахам Линколн“ е во Оманскиот Залив кај Хормуз, „УСС Форд“ е во северното Црвено Море по едно од најдолгите распоредувања во историјата, а „УСС Џорџ Буш“ патува преку Индискиот Океан откако ја заобиколи Африка за да го избегне опасниот проток Баб ел-Мандеб.
Американските воени планери подготвуваат опции за удари со посебен фокус на „динамично целење” на иранските капацитети околу Хормускиот Проток, јужниот Арапски Залив и Оманскиот Залив, вклучувајќи брзи ударни чамци, минополагачи и други асиметрични средства, јавува Си-ен-ен, повикувајќи се на повеќе извори запознаени со плановите.












