На трибината на која учество зедоа претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, локалната самоуправа, претставници на јавни институции и јавни претпријатија, како и претставници на граѓанскиот сектор од Гевгелија, Штип, Македонска Каменица и Куманово, беа претставени резултатите и наодите од спроведениот теренски мониторинг, реализиран во повеќе локации во рамки на Вардарскиот речен слив.
Главниот заклучок од теренскиот мониторинг е дека утврдените состојби не претставуваат изолирани инциденти, туку се директна последица на неадекватно, фрагментирано и претежно реактивно управување со водите во Вардарскиот речен слив. Воедно, беше промовиран и документот за јавни политики подготвен врз основа на собраните податоци и утврдените критични точки што вршат еколошки притисок врз водотеците

Центарот за еколошка демократија „Флоризон“, во Гевгелија организираше јавна трибина во рамки на проектот „Граѓански мониторинг за одговорно управување со водите“. На трибината на која зедоа учество претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, локалната самоуправа, претставници на јавни институции и јавни претпријатија, како и претставници на граѓанскиот сектор од Гевгелија, Штип, Македонска Каменица и Куманово, беа претставени резултатите и наодите од спроведениот теренски мониторинг, реализиран во повеќе локации во рамки на Вардарскиот речен слив. Воедно беше промовиран и документот за јавни политики подготвен врз основа на собраните податоци и утврдените критични точки што вршат еколошки притисок врз водотеците.
Имено, во март 2026, група екоактивисти спроведоа теренски мониторинг на повеќе локации во Вардарскиот речен слив со цел да се документираат комбинирани притисоци и загадување на водните ресурси. Мониторингот се спроведе на реките Брегалница, Конска/Сува река, Каменичка Река, Кумановка, Пчиња и Вардар, при што се констатираа директни канализациски и индустриски испусти, диви депонии и градежен шут во речните корита, лагуни со отпадни води, процедување од стари депонии и ризици од излевање на рударско хидројаловиште.
Трибината беше отворена со излагањето на членот на Советодавниот одбор на проектот, претставникот на „Флоризон“, Кирил Ристовски. Тој, меѓу другото, истакна дека иако формално Македонија има законска рамка, стратешки документи и определби за усогласување со европското законодавство, практиката покажува дека најголемиот проблем е слабата имплементација, недоволниот институционален капацитет и ограничената доследност во спроведувањето на законите, како и прашањето на планирањето на управување со речните сливови.
– Водата сè уште не се третира доволно како стратешко национално прашање. Наместо континуирана превенција, често гледаме повремени интервенции. Наместо долгорочно следење, често гледаме краткорочни реакции. Наместо целосна координација меѓу институциите, често имаме преклопување на надлежности, одложувања и разлевање на одговорноста. Современите политики за води не се сведуваат само на реагирање кога ќе се случи некој проблем. Тие подразбираат превенција, постојан мониторинг, стручни одлуки, меѓуинституционална координација, инвестиции во инфраструктурата, но и вистинско вклучување на јавноста во процесите на одлучување. Затоа што водата не е ничија приватна тема. Таа е заедничко добро и заедничка одговорност – заклучи Ристовски
По неговото излагање, претставниците на еколошките здруженија од Гевгелија, Штип, Македонска Каменица и Куманово ги презентираа своите мониторинг-извештаи, кои јасно покажуваат дека загадувањето на водите не може да се третира само и исклучиво како комунално прашање. Во Штип е евидентиран директен испуст во Брегалница, оштетен канал од ерозија и нелегално депонирање отпад.
Во Гевгелија се регистрирани директни канализациски испусти, градежен шут, лагуна со отпадни води од сточарска фарма, исцедоци од стара депонија, индустриски канал за испуштање и канализација што се влива во Вардар без претходно прочистување.
Во Македонска Каменица се бележи акумулација на отпад во Калиманско Езеро и ризик од истекување на јаловиштето од рудникот САСА во Каменичка Река.
Во Кумановка и Пчиња се документирани диви депонии, кабаст и биолошки отпад што се пренесува во Вардар.
Овие случаи покажуваат две важни димензии, стои во извештајот. Прво, загадувањето има низводен ефект и не застанува на административните граници на една општина. Второ, на повеќе локации постои директен ризик по јавното здравје, водоснабдувањето и ризик од загадување на подземни води и бунари, особено таму каде што има директен испуст на канализација, пцовисани животни, отпадни води од фарми или ризици од излевање на индустриски нетретирани води.
Главниот заклучок од теренскиот мониторинг е дека утврдените состојби не претставуваат изолирани инциденти, туку се директна последица на неадекватно, фрагментирано и претежно реактивно управување со водите во Вардарскиот речен слив. Во таа смисла, критичните еколошки точки стануваат видливи дури откако загадувањето е веќе манифестирано, што укажува на отсуство на навремен надзор, редовен мониторинг и превентивно постапување. Наместо системски пристап, институционалната реакција најчесто се сведува на повремени интервенции, задоцнет инспекциски надзор и ограничени санациски мерки без долгорочен ефект. Поради тоа, неопходно е да се воспостави јасна приоритизација на ризиците од загадување на Вардарскиот речен слив, усвојување на програма за континуиран мониторинг, развој и примена на механизам за побрза меѓуинституционална координација и доследна примена на казнената политика кон изворите на загадување.
На крајот на трибината, по обемната дискусија, сите учесници се согласија дека заштитата на водите не е задача што може да ја носи само една институција, едно министерство или една општина. Тоа е заедничка задача на целиот систем, на државата, на локалната самоуправа, на инспекциските служби, на јавните претпријатија, на стручната јавност, на граѓанските организации и самите граѓани.
Токму затоа, трибината во Гевгелија беше одлична можност не само да се споделат информациите туку и да се отвори искрена и конструктивна дискусија за тоа што треба да се подобри, кои се приоритетите и како секој од граѓаните и институциите, во рамките на својата надлежност, може да придонесат за поодговорно и поефикасно управување со водите.
(Љ. А.)












