Турската компанија „Џаво отомотив“, специјализирана за производство на автоделови, ќе инвестира во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово, каде што од крајот на септември ќе отвори нов производствен капацитет и ќе вработи околу 500 лица. Инвестицијата, вчера, во Влада ја промовираа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Според Мицкоски, станува збор за браунфилд-инвестиција која во првата фаза ќе стартува со закуп на постоен објект од 8.000 квадратни метри, додека до 2028 година производствените капацитети ќе бидат проширени на 21.000 квадратни метри.
– До 2030 година, компанијата планира да инвестира речиси 21 милион евра. Целокупното производство на контролни кабли од Турција и Словачка ќе биде префрлено во Тетово, што претставува силна потврда за довербата на инвеститорот во македонската економија, работната сила и деловното опкружување – изјави премиерот и нагласи дека проектот ќе придонесе за зголемување на извозот, трансфер на современи технологии и создавање дополнителна додадена вредност во домашната економија.

Премиерот нагласи дека реализацијата на инвестицијата на „Џаво отомотив“ е извесна, посочувајќи дека договорот за државна поддршка веќе е потпишан со Владата. Министерот Дурмиши, пак, посочи дека инвестицијата е резултат на повеќемесечни преговори со компанијата.
– По иницијалните разговори и преговори кои траеја повеќе од една година, денес испраќаме јасна порака дека Македонија останува атрактивна дестинација за странските инвеститори – истакна Дурмиши.
Според проекциите, новата фабрика ќе генерира годишен извоз од околу 45 милиони евра. „Џаво отомотив“ е дел од мултинационална корпорација која произведува безбедносни системи, механизми и оперативни кабли за водечки светски производители на автомобили. Освен во Турција, компанијата има производствени капацитети и во Канада, Германија и Словачка.
Премиерот Мицкоски најави дека по бизнис-форумот во Истанбул, одржан минатата недела, се очекува во Македонија да пристигнат уште неколку десетици турски инвестициски проекти. Тој откри дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган лично изразил подготвеност да ги охрабри турските компании да инвестираат во земјава.
– Како резултат на бизнис-форумот, во периодот што следува, очекувам да се операционализираат неколку десетици потенцијални инвестиции. Претседателот Ердоган ми кажа дека лично ќе се заложи што поголем број турски инвеститори да дојдат во Македонија. Наша задача е тоа да го препознаеме и преку нови и добро платени работни места да создадеме услови за економски развој и враќање на дел од нашите граѓани кои работат во странство – рече Мицкоски.
Според него, новите странски инвестиции остануваат еден од клучните механизми за забрзување на економскиот пораст, отворање нови работни места и зголемување на конкурентноста на македонската економија.
(С. Бл.)












