Со филмот „Кралство“ (Le Royaume) на Жилиен Колонаи на 17 јуни, во 19:00, во киното „Синеплекс“ свечено ќе се отвори Фестивалот на француски филм со „Корзика во фокус“.
И ова издание, кое ќе трае од 17 до 20 јуни, е посветено на современата француска филмска кинематографија, која се одликува со креативност, автентичност и динамика и е една од најинтересните гласови на европската кинематографија. Ова издание, кое повторно се организира по пауза од девет години, ќе понуди четири значајни филмски остварувања, но и единствена можност за средба со режисерите и актерите. Гости на фестивалот се режисерите Жилиен Колона, Тјери де Перети и Фредерик Фаручи, како и актерите Алекси Мананти и Андреа Коси. Тие ќе се сретнат со македонската публика по проекциите, а нивното присуство ќе придонесе фестивалот да биде не само филмски настан, туку и простор за размена и дијалог.
Покрај проекциите, во рамките на фестивалот се предвидуваат и професионални средби на француските синеасти со домашните филмски професионалци и со студентите од Факултетот за драмски уметности.
Ова издание се одржува во особено значаен контекст за француско-македонската културна соработка.
Имено, потпишувањето на Меморандумот за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура и туризам и Амбасадата на Франција, на 12 јуни, во Францускиот институт во Скопје, отвора нови перспективи за соработка во аудиовизуелниот сектор, филмот, културните и креативните индустрии, професионалната обука, уметничката мобилност и размена.
Покрај филмот на отворањето, публиката во рамки на филмската програма ќе може да ги проследи и следниве остварувања: „Фотографка“ (À son image) на Тјери де Перети (18 јуни, 19:00, „Синеплекс“), „Мохиканец“ (Le Mohican) на Фредерик Фаручи, со Алекси Мананти во главната улога (19 јуни, 19:00, „Синеплекс“) и „Грабнување“ (Le Ravissement) на Ирис Калтенбек (20 јуни, 20:30, Кинотека, со проекција на отворено).












