Фудбалската репрезентација на Турција го заврши учеството на Светското првенство по само две кола од групната фаза, а елиминацијата предизвика големо разочарување кај играчите и навивачите. По поразот од Австралија, Турците загубија и од Парагвај (1:0), кој победи со најбрзиот гол на турнирот, постигнат во 65-тата секунда.
Капитанот Хакан Чалханоглу не ја криеше својата тага по натпреварот, а неговиот настап на прес-конференцијата дополнително ги поттикна шпекулациите дека ова можеби било последното Светско првенство во неговата кариера.
„Во моментов е многу тешко да се пронајдат вистинските зборови. Стигнавме до тука по наши заслуги и во последните два натпревари пробавме сè. Напаѓавме, шутиравме, создававме шанси, но топката едноставно не сакаше да влезе во голот. Тие постигнаа гол од првиот удар“, рече Чалханоглу.
Искусниот играч од средниот ред истакна дека турската репрезентација сè уште има светла иднина благодарение на младата репрезентација.
„Ние сме млад тим и сè уште има многу турнири пред нас. Можеби ова е последното Светско првенство за мене. Сите сме тажни и скршени, но ова искуство мора да послужи како лекција за во иднина“, рече капитенот.
Уште поостар беше младиот ас на Реал Мадрид, Арда Ѓулер, кој јавно им се извини на навивачите за резултатите на Светското првенство.

„Многу сме тажни и засрамени. Им се извинуваме на сите наши луѓе. На следните турнири ќе направиме сѐ што можеме за да го оставиме ова разочарување зад нас. Играме во големи клубови и ова не требаше да се случи“, рече Ѓулер.
Турција со тоа стана првата репрезентација во групата што остана без шанса да се пласира во нокаут фазата, и покрај тоа што имаше повеќе играчи на теренот против Парагвај во текот на целото второ полувреме.
До крајот на групната фаза, Турците ќе одиграат уште еден натпревар против домаќините Соединетите Американски Држави на 25 јуни, но без значајни резултати, освен желбата да се подобри впечатокот по едно од најголемите разочарувања на овогодинешното Светско првенство.












