Англија успешно го почна настапот на Светското првенство, со победа од 4:2 против Хрватска, но патот до трите бода не беше толку лесен како што покажува конечниот резултат. По првото полувреме, во кое „Гордиот Албион“ двапати водеше, а Хрватите секогаш наоѓаа одговор, клучниот момент се случил во соблекувалната.
Селекторот Томас Тухел одржал инспиративен говор на паузата, со кој успеал да ја врати самодовербата кај своите фудбалери. Англиските медиуми откриваат дека Германецот побарал од своите избраници да останат верни на својот стил и да играат без страв.
- Им реков да се смират. Без разлика на резултатот, сакам да играте на наш начин. Сакам да бидете храбри, смели, интензивни и уникатни – биле зборовите на Тухел.
Пораката, очигледно, вроди со плод, бидејќи Англија во второто полувреме целосно ја презеде контролата и постигна уште два гола за убедлива победа над незгодниот противник.
Капитенот Хари Кејн, кој со два гола веднаш се вклучи во трката за „Златната копачка“, не го криеше задоволството од реакцијата на тимот по паузата.
- Секоја чест за тренерот Тухел. Ни порача дека можеме и да загубиме, но не смееме да го загубиме нашиот начин на игра. Видовте што се случи потоа. Во второто полувреме бевме многу поагресивни и ја контролиравме играта – изјави Кејн.
Напаѓачот додаде дека Англија покажала карактер и квалитет против силен ривал, а посебни пофалби упати до Џуд Белингам, истакнувајќи дека целиот тим е во одлична форма и е подготвен за предизвиците што следуваат на Мундијалот.
Со ваков старт и со убедлива игра во вторите 45 минути, Англичаните испратија јасна порака дека сериозно ја посакуваат светската титула.











