среда, ноември 4, 2026
Дома СВЕТ Поранешната портпаролка на Зеленски e осомничена за велепредавство

Поранешната портпаролка на Зеленски e осомничена за велепредавство

80
Фото:википедија

Службата за безбедност на Украина (СБУ) и Канцеларијата на главниот обвинител соопштија дека Јулија Мендел, поранешната портпаролка на украинскиот претседател Володимир Зеленски, е известена – во отсуство – дека е осомничена за велепредавство и за оправдување на руската агресија врз Украина. Мендел моментално се наоѓа во странство.

Според извештаите, против неа е покрената постапка под сомнение за спроведување информациски и субверзивни активности насочени против Украина, пренесуваат украинските национални медиуми.

Обвиненијата се однесуваат на кривичното дело велепредавство извршено за време на воена состојба, како и на оправдување, легитимизирање или негирање на вооружената агресија на Русија и величање на оние што учествуваат во неа.

Според соопштението на украинските истражни органи, Мендел во своите јавни настапи и објави на социјалните мрежи изнела тврдења кои, според проценките, „ѝ нанеле штета на меѓународниот углед на Украина и ги оправдале постапките на руските власти, како и војната што Русија ја започна против земјата“.

Како докази се наведуваат нејзините јавни настапи во странски медиуми – вклучително и интервјуто со американскиот новинар Такер Карлсон – во кои таа изјавила дека Украина е „на работ на исчезнување“, а нејзиниот народ „назадува“.

Во истото интервју, Мендел тврдела дека во Украина нема слобода на говор ниту демократија, споредувајќи ја ситуацијата во земјата со ерата на Советскиот Сојуз. Истражните органи наведуваат дека таа на својот профил на Фејсбук објавувала тврдења за наводна политичка заштита, пропаганда и прогон на лица со спротивни ставови; дополнително, нејзините изјави наводно биле користени во пропагандни материјали од руски државни и проруски медиуми.

Како дел од истрагата, спроведени се форензички анализи. Според соопштението од Обвинителството, резултатите укажуваат на присуство на штетно информациско и психолошко влијание, како и на закана за националната безбедност на Украина во информациската сфера.

Според истражните органи, ширењето на ваквите пораки имало за цел да создаде негативна слика за Украина кај меѓународната јавност и да ја ослаби поддршката за земјата, додека на домашен план, целта била да се поттикне разочарување и деморализација кај населението. Бидејќи Мендел моментално се наоѓа надвор од територијата на Украина, надлежните институции продолжуваат со напорите таа да биде изведена пред лицето на правдата, пренесува „Танјуг“.

Истрагата ја спроведуваат истражители од Главната истражна управа на СБУ, под процесуален надзор на Канцеларијата на главниот обвинител на Украина.

ИЗДВОЕНИ