Првата награда – за најдобра песна – ја освои „Гратче мое убаво“, која ја отпеа Христијан Божинов-Кико. Инаку, оваа песна напишана од Зоран Ванев ја доби и наградата за најдобра музика. Вчеравечер, по вкупно дваесет нумери изведени од нашите реномирани, но и млади пејачи на македонската народна музика, беа прогласени и останатите победници. „Фолк-фест Валандово“, своето 59. издание во Домот на културата „Јанко Узунов“, го заврши во прекрасна атмосфера исполнета со музички бисери и бурни аплаузи од присутната публика
Многу емоции, музика, нови македонски хитови и секако награди за најдобрите… „Фолк-фест Валандово“ своето 59. издание во Домот на културата „Јанко Узунов“ го заврши во прекрасна атмосфера исполнета со музички бисери и бурни аплаузи од присутната публика, а првата награда – за најдобра песна, ја освои „Гратче мое убаво“, која ја отпеа Христијан Божинов-Кико. Тој триумфираше со гласовите од публиката и жирито. Инаку, оваа песна напишана од Зоран Ванев ја доби и наградата за најдобра музика.
Вчеравечер, по вкупно дваесет нумери, изведени од нашите реномирани, но и млади пејачи на македонската народна музика, беа прогласени и останатите победници. Втората награда ја доби нумерата „Солзи немам“, во изведба на пејачката Благица Калева. Таа за својата емотивна изведба на оваа песна ја доби и наградата за интерпретација.

Третата награда на „Фолк-фест Валандово 2026“ отиде во рацете на пејачката Анета Љумаковска, Јане Динев и „Анета бенд“, за песната „После сè“.
Оваа нумера ја доби и наградата за најдобар аранжман, а е аранжирана од Томислав Коцевски-Пепси.
Исто така, беше доделена и наградата за најдобар текст, која годинава беше доделена за композицијата „Жено неверна“– напишана од Томислав Коцевски-Пепси, а во интерпретација на Драган Даце Николовски.

На ова издание на „Фолк-фест Валандово“, реномираната македонска пејачка на македонски мелос, Блага Петрeска, ја доби наградата за животно дело. Таа кажа дека фестивалот и помогнал во најтешките моменти од живот.
Додека траеше гласањето, присутните во салата имаа можност да уживаат и во настапот на Ленче Кукиќ, која ги испеа своите познати хитови.
Фестивалот беше проследен и од Министерот за туризам и култура, Зоран Љутков, кој посочи: „Фолк-Фест Валандово 2026“ уште еднаш потврдува дека македонската народна песна живее, се развива и обединува генерации. Имавме можност да слушнеме дваесет нови композиции кои ја продолжуваат богатата традиција на македонското музичко творештво и уште еднаш покажаа дека македонската песна има своја сила, емоција и иднина. Како Министерство за култура и туризам, остануваме посветени на поддршката на домашните фестивали, автори и уметници, затоа што преку културата ги чуваме нашиот идентитет, традиција и национално достоинство“.
(Д. Т.)












