Мал храм, но со голема духовна приказна. Мирисот на темјан, тивката црковна музика и трепетот на кандилата создаваат чувство како времето да застанало. А зад камените ѕидови на оваа црква се крие историска приказна стара со векови. Токму таа необична приказна, за весникот ВЕЧЕР, ја раскажа еден од ктиторите на храмот, Владимир Митев. Тој објаснува дека храмот бил дел од голем манастирски комплекс кој се протегал од денешната Народна банка до Железничката станица и од коритото на реката Вардар до булеварот „Кузман Јосифовски-Питу“. А, на местото каде што денес се наоѓа храмот, претходно била семејната куќа на Митеви

Меѓу старите куќи во Маџир Маало, на улицата „Светиниколска“, скромно се издига црквата „Света Троица“. Мал храм, но со голема духовна приказна. Мирисот на темјан, тивката црковна музика и трепетот на кандилата создаваат чувство како времето да застанало. А зад камените ѕидови на оваа црква се крие историска приказна стара со векови. Токму таа необична приказна, за весникот ВЕЧЕР, ја раскажа еден од ктиторите на храмот, Владимир Митев.

Според неговите сознанија, црквата првично била изградена во 1277 година.

– Од 1502 до 1508 година, таа била уривана за од неа да не остане трага. На местото на сегашната црква останал само олтарот од некогашниот храм, што укажува дека станувало збор за голема црква. Во една пригода и архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан кажа дека, за жал, сега немаме таква црква во Македонија – раскажува Митев.

Тој објаснува дека храмот бил дел од голем манастирски комплекс кој се протегал од денешната Народна банка до Железничката станица и од коритото на реката Вардар до булеварот „Кузман Јосифовски-Питу“.

Од семејна куќа до духовно светилиште

На местото каде што денес се наоѓа храмот, претходно била семејната куќа на Митеви.

– Во таа куќа сме родени јас и мојот брат. По волја Господова, на 11 октомври 2014 година беа поставени темелите на црквата, а на 15 ноември 2015 година таа беше осветена од архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, во сослужение на свештенството од Скопската епархија – вели Митев.

Тој додава дека, водени од силна вера, сакале да го доближат Ерусалим до Македонија, па храмот е изграден од камен налик на оној  од кој е изграден Ерусалим и светите места во него.

– Во изградбата помогнаа не само православни верници туку и муслимани, католици и луѓе од различни вери. Во овој храм се користат исклучиво восочни свеќи, а кандилата постојано горат со маслиново масло – истакнува Митев.

Интересно е што жените во храмот влегуваат со марами, кои им се обезбедени во самата црква.

Во „Света Троица“ нема ценовник за свеќи и прилози. Секој остава колку што може и колку што чувствува.

 Парче Ерусалим во Маџир Маало

Митев сведочи дека во изминатите десет години многу верници тука нашле духовен мир и утеха.

– Имало луѓе кои сведочеле за духовно и телесно олеснување по молитвите во храмот. Од патувањата во Ерусалим носиме и подаруваме крстови, икончиња и други благословени предмети на верниците – раскажува тој.

Тој упатува покана до секого да ја посети црквата, да запали свеќа, да се помоли и барем неколку минути да почувствува мир и спокој.

Воедно, Митев изразува благодарност до архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, до професорот на Теолошкиот факултет, Димитар Белчовски, како и до сите пријатели, роднини и верници кои помогнале во изградбата на храмот.

Ктитори на црквата „Света Троица“ се семејствата Митеви, Трифуновски и Лакордови.

Анела ПЕТРОВА  ФОТО: П. Стојановски

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ