понеделник, август 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Трета недела без безбедна вода: Опасна бактерија отпорна на антибиотици во гостиварскиот...

Трета недела без безбедна вода: Опасна бактерија отпорна на антибиотици во гостиварскиот водовод

1

Опасната бактерија „Псевдомонас аеругиноса“, која е отпорна на одредени антибиотици и може да предизвика инфекции на кожата, очите и ушите, а особено е ризична за лицата со нарушен имунитет, е потврдена во гостиварскиот водовод, изјави денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Според него, медицинските податоци покажуваат дека кај почувствителните категории граѓани бактеријата може да предизвика и инфекции на уринарниот тракт и на белите дробови.

Иако стручните лица оценуваат дека епидемијата постепено стивнува, состојбата со пациентите и натаму внимателно се следи. Терапијата се одредува во зависност од симптомите и здравствената состојба на пациентите.

Од Министерството за здравство информираат дека епидемиолошката состојба во Гостивар е стабилна и дека надлежните здравствени институции континуирано ја следат.

На 2 август биле регистрирани вкупно 84 први прегледи, што е за 27 повеќе во споредба со претходниот ден, кога биле евидентирани 57 прегледи. Сепак, и покрај дневното зголемување, бројот на прегледи е значително помал во однос на пикот од 18 јули, кога биле регистрирани дури 649 прегледи.

Во меѓувреме, гостиварци и третата недела се соочуваат со проблеми со водоснабдувањето. Од 17 јули водата од градскиот водовод е забранета за пиење и за подготовка на храна.

Од минатиот понеделник во градот повторно има техничка вода, но граѓаните сè уште чекаат официјална потврда дека водата повторно е безбедна за пиење и готвење. Засега, од надлежните добиваат само најави дека проблемот ќе биде надминат и апели за трпение.

ИЗДВОЕНИ