Адвокатот што го застапува „Трамп интернешнл голф клуб“ (Trump International Golf Club) на имотот на американскиот претседател Доналд Трамп во Палм Бич, побара од локалните власти да префрлат дел од земјиштето што го зафаќа голф-теренот во сопственост на федералната влада.
Според предлогот, Трамп би ја финансирал изградбата на претседателска резиденција на таа локација, а објектот би им служел на идните шефови на Белата куќа по неговото завршување.
Адвокатот Харви Ојер го поднесе официјалниот предлог до округот Палм Бич, кој е сопственик на земјиштето на кое се наоѓа теренот. Администраторот на округот, Џозеф Абруцо, потврди дека предлогот се разгледува сериозно и дека локалните власти побарале дополнителни информации.
„Според она што го разбирам, претседателот Трамп го гледа ова како траен придонес кон претседателската функција и кон оние што ќе ја извршуваат таа должност по него“, изјави Абруцо.
Според предлогот што Ојер им го претстави на официјалните лица, дел од приватниот голф-клуб би бил одреден како постојано и официјално засолниште за странски лидери и идни американски претседатели.
Објектот би можел да се користи за одржување меѓународни самити, како и за сместување на американските претседатели за време на нивните одмори на Флорида. На идните претседатели, исто така, би им било понудено бесплатно членство во голф-клубот на Трамп.
Ојер изјави за „Вашингтон пост“ дека сè уште не е избрано името за идниот претседателски голф-терен.
„Ова дополнително би го зацврстило округот Палм Бич како еден од најпрепознатливите брендови и дестинации во светот“, рече Ојер.
Во писмото до локалните власти, тој исто така истакна дека изградбата нема да биде завршена пред Трамп да ја напушти претседателската функција. Поради тоа, проектот – според неговите зборови – би претставувал своевиден „подарок“ за наследниците на Трамп, додека Палм Бич би имал корист од дополнителниот сообраќај и активности во тоа подрачје.
Белата куќа ја истакнува безбедноста на локацијата
Претставник на Белата куќа, запознаен со плановите, изјави за „Вашингтон пост“ дека објектите предвидени со проектот би понудиле погодности од „светска класа“.
Како предности на локацијата ги наведе близината до Меѓународниот аеродром „Доналд Џ. Трамп“, отсуството на високи згради што би се издигале над теренот, како и фактот што покрај голф-теренот нема куќи. Според неговите зборови, локацијата има добри безбедносни карактеристики, се наоѓа во близина на органите за спроведување на законот и располага со високо оценет терен за голф.
„Тоа се карактеристики што се неопходни за секое претседателско одморалиште“, изјави официјалниот претставник, кој говореше под услов да остане анонимен.
Предлогот во моментов го разгледуваат претставниците на округот Палм Бич, кои пред донесувањето одлука треба да добијат дополнителни информации за планот и начинот на реализација на проектот.












