Раководството на Мерцедес се обидува да ја смири зголемената медиумска еуфорија околу 19-годишниот италијански талент Кими Антонели откако тој запиша две последователни победи и го држи првото место во табелата во Формула 1. Токму поради тоа, шефот на тимот, Тото Волф, изјави дека развојот на Антонели оди целосно според планот и дека нема причина за предвремена споредба или за зголемување на очекувањата до небо.
- Секогаш сме биле многу јасни во врска со нашите цели. Првата сезона беше година на учење, со добри перформанси, но и со тешки моменти. Тоа е нормално. Сега сме во втората сезона и неговиот напредок оди точно како што предвидовме – истакна Волф.
По добрите резултати, Антонели стана тема на бројни медиуми во Италија, а некои веќе го споредуваат и со легендарните возачи како Аиртон Сена.
Сепак, Волф реагираше претпазливо на ваквите тврдења, нагласувајќи дека тој е многу млад возач кому треба да му се даде простор за развој.
- Во Италија веќе се зборува за светските титули и за споредбата со Аиртон Сена, што, искрено, не сакам да го читам. Тој има 19 години и е само на почетокот од својата кариера – рече шефот на Мерцедес.
И покрај притисокот, Волф тврди дека Антонели добро се справува со ситуацијата и дека тимот внимателно балансира меѓу поддршката и барањата.
- Понекогаш го заштитуваме и му даваме поддршка, а понекогаш го туркаме уште повеќе. Но, сè оди во вистинската насока – нагласи Тото.
Волф, исто така, коментираше за формата на поискусниот возач Џорџ Расел, кој ја отвори сезоната како еден од фаворитите, но низата несреќни околности го чинеа подобри резултати.
Расел славеше на првата трка во Австралија, но во Кина и во Јапонија ги загуби потенцијалните победи поради стратегијата, безбедносните болиди и застојот на патеката. Ситуацијата во Јапонија, каде што излезе безбедносното возило веднаш откако тој влезе во боксот, беше особено значајна.
- Не гледам многу недостатоци во возењето на Џорџ. Повеќе станува збор за трките што едноставно му избегаа од рака поради околностите. Сепак, тој вози на исклучително високо ниво и е клучен за успехот на тимот – заклучи Волф.
Така Мерцедес влегува во остатокот од сезоната со млад лидер во подем и со искусен возач што сака да се врати на победничките патеки, додека во гаражата се обидува да одржи рамнотежа помеѓу реалните очекувања и зголемената еуфорија.











