Стара лулка, една мајка сите нас не родила, од Вардар, Пирин дур до Солуна, име ѝ е Македонија… ајде сите едно оро семакедонско да заиграме… одекнуваа денеска звуците на познатата песна со која македонските здруженија од Бугарија го чествуваа споменот на својот голем револуционер – Јане Сандански. На чествувањето во градот Мелник се собраа претставниците на повеќе македонски организации од Бугарија, при што беше искажана почит и даден нов завет дека ќе продолжат да се борат за своите сопствени права, од кои се лишени сега во Бугарија. Тие ја чествуваа 111. годишнина од убиството на големиот македонски револуционер Јане Сандански, кој беше подмолно убиен на 22 април 1915 година, кај Роженскиот манастир во близина на Мелник, а неговото дело остана темел на македонската револуционерна мисла. Традиционалниот собир го организираа повеќе македонски организации: ОМО „Илинден – Пирин“, Македонското меѓународно движење за човекови права, ОМО „Илинден“, „Антички Македонци“, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија, Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, Друштвото за заштита на основните човекови права, Македонскиот дискусионен клуб за етничка толерантност и Правозаштитниот комитет „Толерантност“, а беше помогнат од Македонското меѓународно движење за човекови права. Собирот го обезбедуваа зајакнати сили на бугарската полиција, која не создаваше проблеми во текот на чествувањето на споменот на „царот на Пирин“. Одбележувањето на годишнината започна со положување цвеќиња на гробот на Јане Сандански кај Роженскиот манастир, за потоа да се одржи народен собир во Мелник, кај споменикот на војводата, каде што беа поставени венци и цвеќиња.

Чествувањето со одржа во ситуација кога Македонците во Бугарија и натаму се соочуваат со непризнавање од страна на официјалните бугарски власти, кои, поради тоа, сè повеќе се изложени на критики од страна на меѓународните институции.
За него беше јасно дека Македонците и Бугарите се различни народи
На присутните Македонци од Бугарија, како и на гостите од Македонија и од други земји во кои живеат нашите сонародници, им се обрати Стојко Стојков, копретседател на ОМО „Илинден – Пирин“. Тој потсети на значењето на Сандански за македонска револуционерна борба.
– Јане Сандански беше еден од оние што се инспирираа од мислата дека живеат за Македонија и само за Македонија. И тој го докажа тоа со својот живот и со својата смрт. За него беше јасно дека Македонците и Бугарите се различни народи, дека се различни и со Грците и со другите, но меѓу своите соработници тој имаше и Бугари, и Грци, и Турци. Ги инспирираше и организираше како браќа да работат за слободата на Македонија, зашто веруваше дека народите се браќа и како браќа треба да живеат – нагласи Стојков.
Според него, Сандански не дозволувал тргување со Македонија, поради што бил цел на повеќе обиди за убиство.
– Тој беше мразен од сите што сакаа да ја поделат Македонија или да ги променат Македонците и се обидоа да го убијат толку многу пати. Но тоа не го запре. Во тоа тој беше толку блиско до идеите на гемиџиите – „ќе се арчиме“ или до она што народот го запеа: смрт или слобода за Македонија. И до денес е виден тој феномен – Јане мразен од сите што ја мразат Македонија и сакан од Македонците. Сандански се претвори во симбол на непокорот, на борбата, на љубовта кон Македонија. Дури и толку години по неговата смрт нашата борба денес се јавува како продолжение на неговата и се инспирира од неговата – нагласи копретседателот на ОМО „Илинден – Пирин“.

Тој потенцираше дека кампањата против Македонците и Македонија единствено постигнува сеење омраза.
– Затоа, собрани овде во чест на човекот што учеше дека „народите се браќа и како браќа треба да живеат“, ние треба да ѝ кажеме „не“ на омразата и да го подигнеме својот глас за да слушнат сите: без прифаќање на базичната вистина за македонското постоење, не е можно ниту братство, ниту братско живеење, ниту нормални односи. Коренот на сите проблеми е, имено, негирањето на постоењето на македонското малцинство и нација. Затоа треба да ѝ се стави крај на таквата политика на негирање, асимилација и дискриминација, тоа е висока должност не само на Македонците во Бугарија туку и на секој бугарски граѓанин. Затоа би требало да имаме повеќе луѓе од другите народности во Бугарија да помогнат во нашата борба, како што имаше Јане некогаш. Зашто, со нашата борба за права, ние придонесуваме не само за нас и за сите Македонци каде ѝ да се туку и за сите граѓани во Бугарија, без разлика на нивното потекло – нагласи Стојко Стојков.
Празник на македонското национално единство
Во обраќањето, тој потенцираше и тоа дека Јане станал симбол за Македонците во Бугарија и дека не се борел само за Македонците во Пиринска Македонија.
– Тој се бореше за сите Македонци насекаде во Македонија и надвор од неа. Тој се бореше не само за Македонците туку и за другите жители на Македонија. Затоа овој ден не е само празник на Пиринска Македонија и на Македонците во Бугарија. Ова е празник на македонското единство – живееме во различни земји, но си остануваме и ќе останеме Македонци, каде и да сме. Тоа е празник на борбата што не запира. Празник на вистината што победува. Празник на љубовта што нè држи заедно. Тоа е празник и на идејата дека народите се браќа и како браќа треба да живеат – нагласи копретседателот на ОМО „Илинден – Пирин“.

Чествувањето во Мелник се случува по кратко време откако неодамна Комитетот за човекови права при Обединетите нации утврди дека Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување откако домашните судови одбиле да ја регистрираат организацијата за човекови права „Комитет за заштита на правата Толерантност“, основана од етнички Македонец, без валидно и јасно правно образложение. Со тоа, случајот повторно го отвори прашањето за третманот на организациите на Македонците во Бугарија и за начинот на кој постапуваат институциите во соседната земја кога станува збор за нивното формално признавање.
Во објавените ставови, Комитетот оценува дека одлуките на бугарските судови биле нејасни и претерано формалистички, а властите не објасниле ниту кои одредби од законот биле прекршени, ниту зошто одбивањето на регистрацијата било неопходно и пропорционално. Дополнително, било утврдено и дека не била земена предвид дополнителната документација што ја доставил подносителот за работата и целите на здружението. Комитетот побара од Бугарија да ги преиспита домашните судски одлуки, да обезбеди соодветен надоместок на подносителот, вклучително и покривање на трошоците и на правните расходи, и во рок од 180 дена да извести какви мерки презела за да ја исправи повредата. Одлуката е важна, затоа што доаѓа по долга низа спорови поврзани со регистрацијата на македонските организации во Бугарија и дополнително го засилува меѓународниот притисок врз Софија во областа на човековите права и слободата на здружување.
Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, по ова оцени дека одлуката на Комитетот за човекови права при ОН тешко дека ќе има суштинско влијание врз официјална Софија без посилен меѓународен притисок.
– Јас не очекувам дека ќе има ефект врз политиката кај нашиот источен сосед, освен ако не се вклучи силна, робусна акција од Брисел – изјави Мицкоски.
Тој досега повеќе пати во јавните настапи потенцираше дека барањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, со цел да започнат преговорите за интеграција на Македонија во ЕУ, нема да се случи без добивање а јасни гаранции.

– ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во каква било авантура сè додека нема јасен крај и сè додека не бидат гарантирани човековите права на македонската заедница кај нашиот источен сосед. Нема да се поместиме ниту милиметар. Ќе чекаме. Ако не, ние ќе го пренесеме тоа на оние што ќе нè следат нас. Ако не успеат и тие, и тие што ќе ги следат нив – изјави Мицкоски, потсетувајќи дека Бугарија не сака да спроведе дури 14 пресуди на Меѓународниот суд за човекови права од Стразбур, а кои велат дека се повредени правата на Македонците во Бугарија. (Б. Ѓ.)
Законска, достоинствена и упорна борба за правата
Стојков додаде дека и денеска се актуелни зачувувањето на човековото достоинство и одбраната од манипулатори, кои сакаат Македонците да се откажат од тоа што се и да станат вода во туѓа воденица.
– Јане ги учеше робовите да се борат за слобода, а слободните за совршенство. Во која категорија сме ние? Тешко е да се каже. Но, за жал, ние денес не се бориме за совршенство, ние се бориме за најбазичните човекови права, за признавање на нашето постоење, за правото да имаме организации, да бидеме рамноправни граѓани на државата во која живееме и плаќаме даноци, да бидеме такви какви што сме и какви што биле нашите предци – Македонци. Години со ред се боревме и за правото да се собираме овде и да го одржуваме нашиот семакедонски собор. Нашата упорност победи и ни го покажа патот – законски, достоинствено, упорно, доследно да се избориме за нашите права. Македонското име, идеја, нација не може да загине и секоја политика што сака да го постигне тоа, освен што е политика на насилство и неправда, е и осудена на пропаст – рече Стојков.












