По неколку дена пријатно време, со температури до 30 степени Целзиусови, Македонија повторно ќе биде зафатена од силен топлотен бран. Во следните десетина дена температурите ќе се зголемат за околу 10 степени, а од среда во делови од земјата се очекува живата во термометарот да надмине 40 степени.

Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, под влијание на топол бран, до крајот на следната седмица времето ќе биде претежно сончево и многу топло.

Особено високи ќе бидат и ноќните температури. Метеоролозите предупредуваат на тропски ноќи, кога минималната температура ќе се движи меѓу 20 и 24 степени Целзиусови, што ќе го отежне разладувањето и одморот.

Поради екстремно високите температури, се препорачува престој во разладени простории, внесување доволно течности и избегнување излегување и директно изложување на сонце во најтоплиот дел од денот. Клима-уредите и вентилаторите повторно ќе бидат главни сојузници во справувањето со жештината.

Граѓаните треба да носат лесна и светла облека, редовно да ги проветруваат просториите и да пијат доволно вода. Посебно внимание треба да се посвети на децата и домашните миленици, кои во никој случај не треба да се оставаат во затворени простории или во автомобили, каде температурата може брзо да достигне опасно високи вредности.

За време на топлотен бран, особено во периодот од 10 до 17 часот, се препорачува постарите лица да избегнуваат престој на сонце. Ова особено важи за хронично болните, лицата со срцеви заболувања и дијабетичарите.

Доколку постаро лице мора да излезе од дома, се препорачува тоа да го направи во раните утрински или во вечерните часови. При излегување, главата треба задолжително да биде заштитена со капа или марама.

Се препорачува внесување до два литра негазирана вода дневно, односно околу осум чаши, освен доколку лекар не препорачал поинаков режим на внесување течности. Треба да се избегнуваат екстремно ладни пијалаци, бидејќи можат да предизвикаат грчеви.

Исхраната во топлите денови треба да биде полесна и богата со сезонско овошје и зеленчук. Ладните јадења, овошјето и салатите придонесуваат за подобра хидратација, а воедно не бараат користење рерна или шпорет.

Препорачливо е да се јадат неколку помали оброци во текот на денот и да се избегнуваат пржени и поховани јадења, храна подготвена во многу масло, како и премногу слатки, зачинети и солени производи.

И Европа на удар на екстремната жештина

Топлотниот бран веќе ја зафати и Европа, каде рекордно високите температури се поврзуваат и со зголемен број смртни случаи.

Најголем број смртни случаи ова лето е забележан во Франција – повеќе од 2.000, додека во Белгија се регистрирани 1.222 смртни случаи, што е за 39 проценти повеќе од вообичаеното.

Шпанија и Франција со денови се борат и со големи шумски пожари, поради кои се евакуирани повеќе од 300.000 луѓе. Во двете земји огнената стихија уништи десетици илјади хектари земјиште, а стотици куќи изгореа.

Додека властите во Париз и Мадрид се обидуваат да се справат со последиците од пожарите, Унгарија воведе итни мерки поради сериозен недостиг на вода предизвикан од сушата и нискиот водостој на реката Дунав.

 

ИЗДВОЕНИ