Компанијата ТИТАН Усје има значајно влијание врз македонската економија, учествувајќи со 1,4 проценти во бруто-домашниот производ и поддржувајќи околу 7.000 работни места директно и индиректно. Ова го покажува независната социо-економска студија изработена од консултантската куќа „Ернст и Јанг“, која беше презентирана во Стопанската комора на Северна Македонија.
Според анализата, вкупното економско влијание на ТИТАН Усје во текот на минатата година надмина 10,3 милијарди денари преку деловните активности на компанијата, исплатените плати и даночните придонеси. Во државниот буџет, компанијата директно уплати 515 милиони денари по различни основи, додека дополнителни приходи се генерирани преку синџирот на добавувачи, дистрибутери и градежни компании кои соработуваат со компанијата.

Студијата покажува дека ТИТАН Усје обезбедува 249 директни работни места, додека преку своите деловни партнери и поширокото економско влијание поддржува уште околу 6.700 индиректни работни места, што претставува приближно еден процент од вкупната вработеност во државата.
Наодите од анализата ја потврдуваат улогата на компанијата како еден од позначајните индустриски и економски субјекти во земјата. Во студијата се наведува дека влијанието на ТИТАН Усје се протега многу подалеку од рамките на цементната индустрија, преку поддршка на економски активности во повеќе сектори и создавање додадена вредност во националната економија.
Компанијата годинава одбележува седум децении присуство на македонскиот пазар. Во тој период, производите на ТИТАН Усје се вградени во голем број инфраструктурни и градежни проекти, вклучувајќи патишта, мостови, училишта, болници и станбени објекти. Како дел од меѓународната ТИТАН групација, компанијата ги имплементира современите индустриски практики и технологии во своето работење.

– Грижата за луѓето и заедницата е основен код на нашата визија. Луѓето и заедницата се база за економски раст и одржливост. Ние во нашето работење се водиме од овие вредности, бидејќи економскиот раст има смисла само доколку носи придобивки за луѓето и за заедницата во целина. Горди сме што оваа студија потврдува дека нашето влијание се протега многу пошироко од нашето директно работење, поддржувајќи компании, работни места и заедницата во поширока смисла. Остануваме посветени на создавање долгорочна вредност преку одговорно работење, инвестиции, иновации и одржлив развој – изјави Константинос Николаоу, главен извршен директор на ТИТАН Усје.
На презентацијата на студијата се обрати и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, кој истакна дека компаниите со долгорочна традиција и значителен придонес во економијата заслужуваат поддршка и отворен дијалог базиран на факти и аргументи.

Покрај економските показатели, анализата го опфаќа и придонесот на компанијата во локалната заедница. Во периодот од 2021 до 2025 година, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 103 милиони денари во општествено одговорни проекти, додека само во текот на 2025 година за оваа намена биле издвоени околу 30 милиони денари.
Преку овие иницијативи биле опфатени над 37.000 граѓани, а средствата биле насочени кон проекти од областа на заштитата на животната средина, образованието и развојот на локалните заедници.
Меѓу позначајните проекти е едукативниот центар „Иноваториум – Клуб на напредни знаења и вештини“, кој ТИТАН Усје го отвори пред две години. Центарот им овозможува на учениците од основните училишта практична работа во областа на 3Д моделирањето, 3Д печатењето, роботиката и инженерството. Досега низ програмите на центарот поминале повеќе од 500 ученици.
Дополнително, преку програмата „Партнерство со училиштата и детските градинки“, која се реализира во општините Кисела Вода и Аеродром од 2010 година наваму, компанијата инвестирала повеќе од еден милион евра во подобрување на образовната инфраструктура, енергетската ефикасност и безбедносните услови во училиштата и градинките, обезбедувајќи подобри услови за повеќе од 8.000 ученици.
Студијата ги нотира и резултатите на компанијата во областа на одржливото работење. ТИТАН Усје е носител на највисокото признание за управување со отпад – „Zero Waste to Landfill Platinum Certificate“, со што стана прва компанија во земјата што го добила ова платинесто признание.
Социо-економската анализа е изработена според меѓународно признатата методологија за економско моделирање на влезно-излезни односи (input-output analysis), врз основа на податоци од Државниот завод за статистика и релевантни меѓународни економски стандарди.












