Албанската полиција денеска соопшти дека за време на демонстрациите во земјата се случуваат акти на насилство насочени кон полициски службеници и институции. Тие предупредија дека секоја постапка што ги загрозува животите на полицајците или граѓаните ќе биде законски санкционирана.
Полицијата ги повика сите учесници на протестите да се оградат од маскираните и насилни поединци кои напаѓаат полицајци и институции, како и оштетуваат јавен и приватен имот, пренесува „Еуроњуз Албанија“. На граѓаните им се советува да ги избегнуваат областите каде што се случува насилство и да не учествуваат во дејствија што го нарушуваат јавниот ред и безбедноста.
„Правото на мирен протест е загарантирано со закон. Насилството, нападите врз полициските службеници и уништувањето на јавниот и приватниот имот се неприфатливи и казниви според законот“, се наведува во соопштението.
Од полицијата додаваат дека секој насилен чин што ги загрозува животите на полицајците или граѓаните ќе биде третиран во согласност со законот.
„Државната полиција продолжува да ги извршува своите должности за одржување на јавниот ред и безбедноста, во согласност со законот и во служба на граѓаните“, се заклучува во соопштението. Судирите меѓу полицијата и демонстрантите во Тирана денеска дополнително ескалираа; полицијата употреби солзавец, гумени куршуми, водени топови и шок-бомби, додека демонстрантите фрлаа камења, Молотовлеви коктели и пиротехнички средства.
Според „Албанијан пост“, судирите избувнале на плоштадот „Скендербег“, пред зградата на Министерството за образование, како и во близина на седиштето на владејачката Социјалистичка партија и кабинетот на премиерот.
Демонстрантите фрлале петарди и молотови коктели кон полициските службеници, кои возвратиле со солзавец и гумени куршуми.
Протестите, предводени од студенти, во Албанија траат веќе 12 дена. Првично поттикнати од незадоволството од состојбата во образовниот систем, високите трошоци за студирање и ограничените можности за вработување на младите, немирите прераснаа во пошироки демонстрации против владата на албанскиот премиер Еди Рама, при што се бара и негова оставка, пренесува „Танјуг“.












