По пишувањето на весникот ВЕЧЕР, професорот Богдан Богданов од Институтот за хемија ќе испитува дали мазутот од ТЕЦ Неготино бил отровен за животната средина за потребите на истрагата за екоцид, најави републичкиот обвинител Ненад Савески на брифинг со новинарите. Имено, иако Богданов бил избран од Природно-математичкиот факултет како одговор на барањето на ОЈОГООК да го испитува вештачењето на мазутот правено во Србија, сепак од надлежното Обвинителство никогаш не го контактирале професорот, тврдеше тој за нашата редакција.
„Точно е дека побараа човек од Институтот, ние им одговоривме позитивно, јас бев избран како одговорен на Лабораторијата за анализа на горива. Не знам зошто досега не ме повикале, инаку долги години правам судски вештачења од областа на хемијата. Концентрацијата на сулфур може лесно да се утврди, значи лесно се проверува дали мазутот бил опасен по животната средина“, изјави за ВЕЧЕР професорот Богданов, кој работи во лабораторијата што ја користат повеќе институции, меѓу кои и Царина.
„Професорот за кој пишувавте е контактиран од наша страна и тој треба да го види вештачењето направено во Србија за квалитетот на мазутот. Таа истрага не е затворена, а паралелно ќе се бараат и странски експерти“, вели Савески.
Царинската управа, во изминатите години, открила дека една од фирмите опфатени со сега запрената истрага за набавките на мазут во ТЕЦ Неготино, имала обид за внесување на енергент кој го пријавила како мазут, а кој според хемиските својства не одговарал на потребниот квалитет. Царината не сподели конкретни податоци токму поради истрагата што ја водеше ОЈО ГОКК за случајот со набавките на мазутот.
Во меѓувреме, Вишото јавно обвинителство ја разгледува жалбата поднесена од државната ЕСМ, по одлуката на обвинителката за организиран криминал и корупција –Катерина Коларевиќ – да ја запре истрагата, поради немање докази за мазутот од фирмите на Асмир Јахоски и Ратко Капушевски. Предметот во Вишото јавно обвинение го води обвинителот Јован Цветановски, кој беше суспендиран, па повторно вратен на работа.
Државниот обвинител Савески рече дека, за околу 30 дена, би можело да се очекува одлука за случајот ,,Мазут”, односно ќе се знае дали ќе се потврди одлуката на обвинителката Катерина Коларевиќ дека е крај за предметот тежок 167 милиони евра, или ќе се дадат насоки за повторно истражување што повторно ќе го води повторно. Савески на брифингот рече дека нема да се меша во предметот, за да не се сфати како притисок, и ќе се чека одлуката на Вишото обвинителство.
–Принципиелно ја поддржувам одлуката за запирање на постапката на обвинителката Коларевиќ. Доколку произлезат нови докази и нови околности, постапката може одново да почне. Тоа е единствениот легален начин да дојдеме до правдата и вистината. Битно е да се истакне дека обвиненијата секогаш треба да бидат засновани врз основа на докази од кои тоа обвинение би се докажало пред судот надвор од разумно сомнение. Исто така, доколку во текот на кривичната постапка судот донесе ослободителна пресуда и таа стане правосилна, тогаш тоа е пресудена работа (res judicata), појаснува Савески.
Во својот приговор, ЕСМ тврди дека нивни претставници дале исказ за време на постапката, но дека лицата што биле повикани, не биле таму за да даваат ставови или оцени за евентуални штети од постапката за набавката на мазут. Според ЕСМ, тие технички искази се злоупотребуваат за правдање на обвинителката – дека истрагата е затворена бидејќи немало настаната штета. Наместо тоа, велат од „Електрани“, требало да го добијат вештачењето од економско-финансиската област, за да се произнесат по него. Ја обвинија Коларевиќ за паушално вештачење на доказите од кривичната пријава која ја поднесе МВР.
Освен за случајот со мазутот, Савески брифираше и за истрагата за Артан Груби. Рече дека осомничениот сè уште нема дадено исказ пред обвинителот бидејќи се собирале докази пред кои ќе се соочел поранешниот вицепремиер. За истрагата со запленетиот канабис за медицински потреби од неколку магацини во земјава и шверцот организиран од шестмина кон Србија, обвинителот рече дека станува збор за комплексен предмет во која се истражуваат сомнежи за организиран криминал во Македонија, Србија и Албанија. (П. А.)












