Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, не донесе нова понуда за деблокада на евроинтеграциите, туку ја повтори европската позиција за уставните измени. Премиерот Мицкоски возврати дека Македонија нема да влегува во нови неизвесности без јасен исход и гаранции. Во меѓувреме, власта и опозицијата во земјава разменуваат обвинувања за пристапот кон спорот со Бугарија, а дел од експертската јавност предупредува дека сегашната рамка не нуди гаранции дека земјата ќе го забрза патот кон членство во Европската Унија
Кошта со старо барање, Мицкоски со стар одговор
И покрај уверувањата од Брисел дека иднината на Македонија е во Европска Унија, посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, не донесе нови решенија за надминување на застојот во евроинтегративниот процес. Напротив, повтореното барање за уставни измени како предуслов за отворање на преговорите наиде на цврст отпор од Владата, која инсистира на предвидлив и кредибилен процес без нови условувања и предупредува дека државата нема да прифати нови отстапки без јасни гаранции. Во меѓувреме, власта и опозицијата во земјава разменуваат обвинувања за пристапот кон спорот со Бугарија, а дел од експертската јавност предупредува дека сегашната рамка не нуди гаранции дека земјата ќе го забрза патот кон членство во Европската Унија.
Премиерот Мицкоски, ден по средбата со Кошта, повтори дека ставот на македонските власти е непроменет и ги повика граѓаните да се обединат околу ставот на Владата по ова прашање.
– Со господинот Кошта имаме изградено, би рекол, навистина искрен однос. Тоа не значи дека секогаш се сложуваме. Една од темите за која не се сложуваме е токму оваа за која вие зборувате денеска. Нашиот став е јасен и непроменет. Со други зборови, еве да го повторам: нема цена што ќе нè натера да влеземе во авантура без притоа да знаеме дека таа авантура ќе има извесен крај, изјави Мицкоски, коментирајќи го искажаниот став на претседателот на Европскиот совет дека уставните измени се единствениот начин за формално почнување на пристапните преговори.
Мицкоски потсети дека за овие 26 години, многупати на земјава ѝ беа давани ветувања за отстапки, но и дека ставовите кај нашиот сосед во однос на ова прашање се радикализираат.
– Беа тапкани по рамо дека треба да се направи „уште ова“, верувајте ми на зборот, но, за жал, ние се наоѓаме на истото место каде што се наоѓавме пред 26 години. Од информациите што јас ги имам и од тоа што ми беше соопштено од билатералната средба меѓу министрите за надворешни работи, нашиот и на нашиот источен сосед, мислам дека таму драматично се радикализира состојбата, и не само што ова не е единствениот услов за да влеземе во процесот и да го изодиме тој процес до крај туку напротив, таму работите драматично се радикализираат, а причината за тоа е, нормално, опозицијата кај нас, која, за жал, не бира средства за да ги урива позициите на Владата кога станува збор за одбрана на македонските национални интереси и претставува мекото ткиво на македонскиот национален идентитет. Но и тоа ќе го издржиме, имаме доволно сила. Ние сме подготвени за сето ова, имаме факти, имаме аргументи, ќе работиме… Ова не е спринт, ова е маратон. Потребна е стратегија, план, визија… Ова се победува со ум. Не се победува со брзање и под притисок, нагласи премиерот.
Гаранции и одложено дејство
И од владејачката ВМРО-ДПМНЕ побараа „реципроцитет и исполнување на обврските на Бугарија, а не нови отстапки, услови и национални понижувања како што нуди СДС и Филипче“.
– Македонија веќе не смее да води политика на потчинување и еднострани отстапки кон Бугарија, како што нудат СДС и Венко Филипче. Билатералните прашања мора да се решаваат врз основа на реципроцитет, меѓусебно почитување и исполнување на обврските од двете страни. Потребен е дијалог, а Бугарија да ги исполни своите обврски. Македонија нема да прифаќа нови условувања. Националните интереси и идентитет не смеат да бидат предмет на преговори и отстапки. Времето на еднострани отстапки заврши, време е за реципроцитет, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ, по посетата и пораките од Кошта.
Од опозицијата, пак, повторно пристигнаа обвинувања на адреса на власта. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека посетата на претседателот на Европскиот совет уште еднаш ја потврдила вистината дека уставните измени се единствениот услов за продолжување на европскиот пат на државата. Тој додаде дека сите ветувања за промена на преговарачката рамка, дополнителни гаранции и уставни измени со одложено дејство, се покажале како невистинити.
– Вистината излезе на виделина, нема дополнителни гаранции, нема дополнителни услови, постојат само уставни измени, сѐ друго е само измислица и само една кампања. Христијан Мицкоски и ВМРО дојдоа на власт со лаги. И сега е јасно, така како што укажувавме целиот изминат период – такви гаранции е невозможно да се добијат. Одложено дејство на уставните измени, едноставно, нема. И тоа беше лага со која и Христијан и неговата банда ја манипулираа јавноста, рече Филипче.
Рутинска посета
Поранешниот амбасадор, Ристо Никовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека Кошта во земјава дошол во рутинска посета и не донел ништо ново. Никовски е на ставот дека на европските лидери треба јасно да им се стави до знаење дека со внесот на Бугарите во Уставот нема да се откочи патот за Македонија кон ЕУ, затоа што Бугарија никогаш нема да дозволи да влеземе во Унијата како Македонци, со македонски јазик и историја.
– Претседателот Кошта дојде во сосема рутинска посета со сосема празни џебови, не донесе ништо ново и целиот овој галиматијас со самитот во Тиват покажува дека на лидерите од Унијата им е досадно во Брисел и одвреме-навреме си организираат самити, конференции и слични патувања за да им помине времето. Во тој контекст, да потсетиме само колку самити се одржани меѓу Балканот и Европската Унија и што донеле тие досега? Ништо! Така, во Тиват ќе имаме уште едно големо ништо. Нашиот премиер требаше јасно да му стави на знаење на Кошта дека и утре да го смениме Уставот, и за три месеци да ги завршиме преговорите, Софија нема да дозволи да влеземе во Унијата како Македонци, со македонски јазик и историја. Затоа, нивното инсистирање на промена на Уставот е бесмислено и не води никаде и затоа мора да се бара ново решение. Единствениот излез за Македонија од ќор-сокакот е итно поништување на вториот протокол, што бара најпроста дипломатска техника, изјави амбасадорот Никовски.
Кошта за уставни измени, Мицкоски за реципроцитет
Претседателот на Европскиот совет на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Скопје повтори дека усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори на земјава со ЕУ. Кошта порача и дека единствениот начин да се постигне напредок кон европската интеграција е преку конструктивен дијалог со соседите.
– Она што било договорено во 2022 година треба да се испорача и ништо повеќе од тоа. Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во Европската Унија за граѓаните на Северна Македонија, тоа значи Македонците. Таа останува најголемиот инвеститор и најважен трговcки партнер. Остануваме да ве поддржиме и политички и финансиски, но на крајот, моќта да ја обликувате вашата иднина е во ваши раце, изјави Кошта.
Тој го пофали напредокот во спроведувањето на реформската агенда и целосната усогласеност на земјава со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
– Проширувањето е наша заедничка цел, а иднината на Северна Македонија цврсто припаѓа во Европска Унија. Вашата Влада покажа посветеност и сакам да ги пофалам континуираните напори што ги вложувате, особено би сакал да го истакнам неодамнешниот опиплив напредок во спроведувањето на реформската агенда кон усвојувањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација што е значајно за пристапниот пат на Северна Македонија, но и за искористување на Планот за пораст и пристапувањето. Исто така, го поздравувам вашето целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика со ЕУ. Тоа испраќа силен сигнал за стратешката ориентација на Северна Македонија и за заедничките вредности што ги споделуваме. ЕУ им обезбеди траен мир и стабилност на своите земји членки, преку отпорни демократски институции и силни економски врски. Проширувањето како такво ги нуди истите можности и на нашите европски соседи, како што е Северна Македонија, рече Кошта.
Премиерот Мицкоски, пак, пред европскиот гостин нагласи дека македонската позиција е јасна – остануваме цврсто определени кон европскиот пат, не бараме привилегии и олеснети правила, туку принципи и кредибилен и предвидлив процес, во кој реформите, трудот, заслугите, и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани. Тој побара и реципроцитет – покрај уставните измени што се бараат за земјава, да се види и испорака од Бугарија и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, но, за да се дојде до таа ситуација, прво треба да почне да се разговара.
Претседателот на Европскиот совет беше во посета на Македонија во рамките на неговата дипломатска турнеја во земјите од регионот. Средбите ги започна во Сараево, а ќе финишира во Црна Гора, каде в петок во Тиват ќе копретседава со самитот ЕУ – Западен Балкан. Денеска Кошта е во Приштина, а утре е во посета на Белград. (В. С. Н.)












