– Театарот е место каде што крикот е дозволен и посакуван. Место каде што душата се расцепува, а токму во тој подвиг се раѓа восхитот од потрагата по вистината и автентичноста што недостига – велат од театарот „Златен елец“, чиј независен колектив е автор на македонската порака по повод Светскиот ден на театарот, 27 Март. Познатиот актер и театарски деец Вилијам Дефо, пак, во светската порака посочува дека театарот го предизвикува нашето размислување и нè поттикнува да замислиме кон што се стремиме   

 

– Театарот отвора важни разговори и буди теми за кои мора и вреди отворено да се зборува. Публиката не доаѓа да гледа совршенство, таа доаѓа да препознае искреност и чиста вистина. Театарот треба да се создава од вистинска потреба. Од радост. Од немир. Од немоќ. Од љубопитност. Од желба да се разбере светот што постојано се менува – се вели, меѓу другото, во годинашнава македонска порака по повод Светскиот ден на театарот, 27 Март, напишана од независниот колектив на театарот „Златен Елец“, формиран во 2020 година. Во својата порака, тие го поставуваат и прашањето дали доволно зборуваме и слушаме денес во театарот, но и во секојдневието.

– Театарот е имитација на животот во едно општество или средина, но и негово преиспитување и треба да се искористи за, преку него, гласно да се зборува за промени. Вистинскиот живот е тежок, убав, тажен, краток или долг, театарот отсекогаш го анализирал, го лекувал и нудел утеха, посочувал кон желба за промена и носел провокација. Ако ни пречи четвртиот ѕид, веднаш да го срушиме, свесноста за публиката и заемното присуство нè прават поголеми во идејата да спасиме или разубавиме барем еден живот, еден момент, да разбудиме барем една мисла, да поставиме и претставиме барем еден сон. Театарот е љубов и сила што се негува во човекот, длабоко внатре. Тој е место каде што крикот е дозволен и посакуван. Место каде што душата се расцепува, а токму во тој подвиг се раѓа восхитот од потрагата по вистината и автентичноста што недостига…

Како што посочуваат од „Златен Елец“, театарот треба да биде магацин со многу крилја, простор во кој храбро ќе се сонуваат соништата, ќе се преживуваат болките, немирите, паѓањата, ќе се поставуваат и одговараат прашањата и од кој секој може да земе крилја за да полета.

– Тоа е неговата магија. Но, се губи магијата кога зависат уметниците и талентите од политиката, кога се принудени талентираните млади луѓе да ја напуштат земјата или професијата, затоа што немаат „отворена врата“ низ која ќе влезат, но, за среќа, ги има многу што се борат храбро. Театарот не смее да стане затворен круг и не треба да ги отсекува или крати крилјата на оние што умеат и сакаат да летаат. Тој мора да остане отворен простор за способност и чесност. Само така магијата ќе опстане и ќе продолжува низ генерации и векови. Тој нè учи повторно да бидеме и да останеме луѓе. Да гледаме право в очи…

Познатиот актер, Вилијам Дефо, кој е автор на светската порака по повод Денот на театарот, пак, порача: „Како актер и театарски практичар, верувам во силата на театарот. Во свет што се чини сè повеќе антагонистичен, контролирачки и насилен, нашиот предизвик, како творци на театарот, е да избегнеме корупција на театарот и да го спречиме убедувањето дека театарот е комерцијален бизнис посветен на забавата и разонодата или дека театарот е само сув институционален чувар на традициите, туку да ја поттикнеме неговата моќ да ги поврзува луѓето, заедниците, културите и, пред сè, да поставува прашања за тоа каде се движиме…“

Тој во пораката додава: „Големиот театар го предизвикува нашето размислување и нè поттикнува да се замислиме кон што се стремиме. Ние сме социјални суштества, биолошки создадени за ангажмани со светот. Секој сетилен орган е порта за средба и преку тие средби постигнуваме подлабока дефиниција за тоа кои сме. Преку раскажување приказни, со естетика, јазик, движење, сценографија, театарот, како целосна уметничка форма, може да ни покаже што бил некогаш, што е и каков би можел да биде нашиот свет“.

Вилијам Дефо денес е и уметнички директор на Театарското биенале во Венеција и, како што додава, оваа функција, настаните во светот и неговата желба повторно да ѝ се наврати на активната театарска работа силно го обликуваат неговото уверување во единствената позитивна моќ и огромното значење на театарот. (Д.Т.)

 

Легенди:

 

1.Независен театар „Златен Елец“

 

2.Вилијам Дефо

ИЗДВОЕНИ