Нешто што долго ќе се памти: 34-то издание на манифестацијата “Глумците пеат 2026“ – Македонски бренд: Русокосата актерка Емилија Мицевска на сцената излезе да го испеее извонредно и моќно евергринот (од репертоарот на легендарната Верица Ристевска) „Летај ми галебе мој тажен“, но со голото трудничко стомаче. Целиот театар стана на нозе за да ѝ ракоплеска на Еми, а и воедно да ѝ посака скорешно мајчинство! 
Тоа е шоу кое сите го сакаме, без кое март месец е незамислив во Македонија. Сега е во “наследство“на сестрите Ира и Маја Бабиќ, ќерките на генијалниот Марин Бабиќ, кој шоуто скромно го започна во 1992-ра година, а денес е прераснато во традиција, во Mакедонски бренд. Овогодинешното имаше две вечерни изданија (24 и 25 март), а поради големиот интерес на публиката, немаше ниту едно празно место во новото МНТ, кое беше исполнето до последната столица за седење.
Повеќе од 50 глумци настапија на сцената на Македонскиот народен театар и тоа главном од најмладата генерација: Владимир Петровиќ, Григор Јовановски, Стефан Спасов, Денис Абдула, Анастасија Трајковска, Катерина Јовановиќ….во одлична комбинација со веќе познатите и докажаните: Рубенс Муратовски, Весна Петрушевска, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Петар Горко, Нина Елзесер, Игор Ангелов, Калина Наумовска, Марина Поп-Панкова, Нина Деан…..
Годинава програмата беше исполнета со македонската музика, со песни што публиката ги знае, ги сака, но во сосема поинаков формат. Режијата е на докажаниот и високо професионалниот Дејан Пројковски. Сите актерите ги придружуваше големиот музички оркестар, под диригентска палка на маестро Љупчо Мирковски. Новите аранжманите на песните се на Бобан Мирковски, додека кореографијата е на Олга Панго, а костимографијата на Марија Пупучевска.
– Се радуваме што публиката искрено уживаше во настапите на глумците кои пееја во живо. Тие преку песните создадоа атмосферата по која оваа манифестација секогаш ќе биде и остане препознатливо специфична, кажаа едногласно и организаторите, но и оние многубројните од публиката.


Скоро три часа ова шоу ги држеше луѓето без да трепнат, ама во смеа до созли, со извонредни актерски шеги и оригинални перфоманси, светски изведени на сцената. Особено кога прекрасната Марина Поп Панкова (ќерката на пејачка легенда Зорица Поп Панкова, која беше во публиката) го имаше настапот со одличниот актер Горан Ников. Тие во песната „Сè што сакав јас по тебе“, качени на трпезариска маса исполената со овошје и цвеќе, имаа многу духовита игра на љубовно додворување. Публиката, “умираше“ од смеење. Инаку, Зорица Поп Панкова малку запеа од ложата кога актерот Антонио Ташковски ја најави како „вистинската диско девојка“, а по изведбата на нејзиниот хит „Диско пар“. Можеби нешто најоригиналното што се нема случено поодамна на театарските штици е настапот на русокосата актерка Емилија Мицевска. На сцената излезе да пее со голото трудничко стомаче! Извонредно и моќно го испеа евергринот (од репертоарот на легендарната Верица Ристевска) „Летај ми галебе мој тажен“. Целиот тетар стана на нозе да ѝ ракоплеска на Еми, а и воедно да ѝ посака скорешно мајчинство!
Битолскиот актер Петар Горко се представи со хитот “На 223-305“ (од репертоарот на славниот Драган Мијалковски), а по него Маја Андоновска-Илијевски без грешка се трансформираше во популарната Маја Оџаклиевска. Маскираната со брада, мустаки и долга коса Тина Трпскоска одлично ни го долови Сашо Гигов-Гиш во познатиот хит „Самовилска свадба“ со кој тој за малку ќе заминеше на една од Песни на Евровизија. 
На сите нам многу добро позната Весна Петрушевска ја занеме публиката кога како некоја вистинска професионална пејачка го испеа големиот хит “Штом се сака, се прави како мене“. Исто така и Рубенс Муратовски, од постарата плејада на глумци, присутните ги остави без здив. Тој ја испеа „Наташа од трето три“, а на сцената му се придружија неговите два сина, кои имаа оригинален настап, имитирајќи ги рокерите со гитарите во рака. 



Четирите извонредни актерки Катерина Илиевска, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Калина Наумовска и Гордана Ендровска беа повеќе од предобри во интерпретацијата на песната “Не ми го одземај времето“ која ја пее популарната Калиопи. Маестрална беше и актерката Слаѓана Вујошевиќ која успешно со маската се трансформира и во жена и во маж, додека ја пееше песната „Емил врати се“ од групата „Бастион“.
Камо среќа да имаме уште вакви слични шоу настани, да си бидат конкуренција едни на други, а публиката да има избор.Но немаме. За жал или не, кој да знае. За сега сме само со ова шоу – “Глумците пеат“. Едно, ама вредно! Затоа, многу добро ја сфаќаме пораката на сестрите Бабиќ, Ира и Маја: “Марин ни остави во аманет да продолжиме со “Глумците пеат“.
Дуле МИЌИЌ / фото: Петр СТОЈАНОВСКИ (забрането е користење на текстот и фотографиите на други портали)












