Во шесте фестивалски дена ќе бидат изведени 10 претстави од Македонија, Србија и од Бугарија, а ќе има и богата, разновидна оф-програма. Годинашното издание има и еден значаен емотивен момент: првпат е изработен медалјон со ликот на великанот на македонското актерство, Ристо Шишков
Со претставата „Ума“ на Звездара театар од Белград, во режија на Дејан Пројковски и со Никола Ристановски во главната улога, вчеравечер почна 34. издание на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица – една од најзначајните фестивалски приказни во рамките на македонскиот театар. Извонредната актерска игра, исполнета со многу емоции, беше наградена со долг аплауз и со стоечки овации.
До 13 септември, градот ќе биде сцена на врвни театарски остварувања, актери и уметници од земјата и од регионот. Во шесте фестивалски дена ќе бидат изведени 10 претстави од Македонија, Србија и од Бугарија, а ќе има и богата, разновидна оф-програма.
Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, кој во своето обраќање истакна: „Во време кога државата ги поставуваше темелите на својата независност, во Струмица беше создадена една нова културна вредност. Тоа зборува многу за градот. Зборува дека и во периоди на големи историски и општествени промени, Струмица знаела дека државата има потреба од институции, патишта и од економија. Но, знаела дека најнапред мора да се консултира културата. Да се сретнат луѓето што имаат храброст да создаваат. Со збор, со слика, со идеја. Да ја праша културата кој е сонот за нашата иднина.
Денес, 34 изданија подоцна, фестивалот „Ристо Шишков“ е една од препознатливите точки на културната мапа на Струмица и на Македонија. Но, она што го прави овој фестивал особен и негова најголема вредност е тоа што го става актерот во центарот. Овој фестивал му е посветен на актерското остварување. На талентот, дисциплината, подготовката и на храброста на актерот да излезе пред публиката и секоја вечер одново да создаде свет на сцената. И токму така се објаснува неговиот континуитет од 34 изданија“.

Публиката, освен претставата „Уна“ првата вечер, вчера имаше можност да ги проследи и „Бог на колежот“ од Јасмина Реза во изведба на МНТ и „Годо“ во режија на Ѓорѓи Ризески, копродукција на Велешкиот, Штипскиот, Кумановскиот театар и „Едуинфо Медија“ од Штип. Вечерва (10 септември) на програмата се „Чудесна терапија“ во режија на Димче Николовски, во изведба на Драмски театар од Скопје (19:30 ч.), додека од 22:00 часот е „Парите се отепувачка“ на Охридскиот театар, во режија на Андреј Цветановски. На 11 септември ќе може да се проследат претставите „Едмонд“ во режија на Оливер Мицевски и во изведба на Народниот театар Битола (19:30 ч.) и „Љубовни писма“ со Игор Ангелоев и Надица Гелевска (22:00 ч.). Претставите „Анна“ на Театар Комедија, во режија на Нина Николиќ (19:30 ч.) и „Повик за љубов“ на Анастас Попдимитров, во изведба на Драмски куклен театар – Силистра, Бугарија, се на програмата в петок, 12 септември. Завесата на фестивалот ќе биде спуштена со претставата „Црнила“ во режија на Дејан Пројковски и во изведба на Прилепскиот театар (19:30).
Годинашното издание има и еден значаен и емотивен момент: првпат е изработен медалјон со ликот на великанот на македонското актерство, Ристо Шишков. Во чест на неговото дело и трајниот белег што го остави во македонската култура, директорот на фестивалот, Ванчо Ристов Патриков, првиот медалјон му го врачи на градоначалникот на Струмица, Јанков, вториот на претседателот на Советот, а третиот, со посебна симболика, ѝ беше доделен на Јоана Шишкова, ќерката на Ристо Шишков и претставник на неговото семејство.

– Овој медалјон не е само признание. Тој е симбол на сеќавањето, почитта и на трајната вредност на делото на Ристо Шишков – лик што продолжува да живее низ македонскиот театар и низ секое ново фестивалско издание – посочуваат од фестивалот.
Инаку, наградата „Ристо Шишков“ се состои од медалјон со ликот на големиот македонски актер, Ристо Шишков, и парична награда во висина од 1.500 евра. (Д. Т.)












