„Резонантна Земја: Ритуален колектив — Скопје II“, e новото поглавје на проектот на Јордан Костов, кое ќе се одржи вечерва (9 септември) во Сули Ан. Проектот носи концерт со голем ансамбл од македонски музичари, потоа гости од Иран и Италија, како и театар на сенки, визуелни интервенции и изложба посветена на визуелниот идентитет на проектот.
Всушност, Костов го поставува новото поглавје на ансамблот „Резонантна Земја: Ритуален колектив (Resonant Earth: Collective Ritual) — Скопје II“, по претходните и претстојните поглавја на проектот во Париз, Берлин, Лондон, Токио, Шангај, Ханој, Пном Пен и Дарамшала.
Приота, за релативно краток период, „Резонантна Земја“ нанижа концерти низ Евроазија, развивајќи се во еден од најдинамичните македонски музички проекти со меѓународно присуство. А во 2027 година следуваат концерти во Бразил, Европа, Индија, Африка и Азија.
На концертот во Сули Ан ќе учествуваат дваесетина музичари од локалната музичка сцена, заедно со Јасер Бајат, музичар на сетар и кеманче од Лорестан – Алигударз, Иран, и Карло Масколо, музичар на тромбон кој доаѓа од Бари – Италија.
Оркестрацијата и музиката на овој необичен ансамбл се ослободени од конвенционалните жанровски и формални рамки. Композицијата се развива преку хибридна партитура, диригентски знаци, резонанца, тишина, динамика и контролирана слобода, продолжувајќи ја методологијата развивана и на претходните концерти во Скопје, Париз и Берлин, чии снимки ги објавува париската дискографска куќа LFDS Records. Во Сули Ан музичарите ќе создадат кружна звучна форма во која акустиката и природната резонанца на просторот стануваат дел од самата композиција.
Концертот ќе биде надополнет со театар на сенки и апстрактни визуелни интервенции, кои ќе се развиваат паралелно со музиката. Во рамките на вечерта ќе биде поставена и изложба на уметниците кои ги создадоа авторските арт-решенија за плакатите на „Резонантна Земја“, со што визуелниот идентитет што го следи проектот низ неговите различни градови и поглавја ќе стане дел и од самиот простор на Сули Ан.
„Резонантна Земја: Ритуален колектив — Скопје II“ е замислен како повеќеслојно уметничко доживување во кое се среќаваат музиката, просторот, визуелната уметност и театарот на сенки, по повод 35-годишнината од самостојноста на Македонија.












