Македонската режисерка Тамара Котевска го освои признанието за продукција и за режија на наградите „Вајлдскрин панда“ (Wildscreen Panda Awards) во Велика Британија, за документарниот филм „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan).

Наградите „Панда“, познати и како „Зелени Оскари“, се најпрестижни признанија во меѓународната филмска и телевизиска индустрија за раскажување приказни за природниот свет, од 1982 година.

Со освојувањето на наградата, Котевска влегува во историјата како прва добитничка на ова признание од Македонија и од регионот.

Низ историјата на овие награди биле одликувани легендарни имиња како сер Дејвид Атенборо, кој оваа година ја доби наградата „Златна панда“ за најдобра целокупна продукција за „Приказна за горила: раскажана од Дејвид Атенборо“.

По наградата „Панда“ и номинацијата за „Еми“, филмот на Котевска го продолжува својот меѓународен пат. „Силјан“ е номиниран и за престижните британски награди за документарен филм „Гриерсон“ (The Grierson Awards), како и за медиумските награди „Џексон Вајлд“ (Jackson Wild Media Awards).

Тамара Котевска

Како што е познато, инспириран од познатата македонска бајка „Силјан Штркот“, документарецот на Котевска ја следи судбината на Никола, земјоделец што останува сам по тешка криза и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило.

Филмот е копродукција на американската „Конкордија“ и британската „Корнершоп“ и е откупен за дистрибуција од „Нешнал џеографик документари филмс“. Покрај Котевска, останати продуценти се Јорданчо Петковски, Ана Хашми и Жан Дакар, кој е и кинематографер. Монтажата е изработена од Мартин Иванов. Оригиналната музика за „Силјан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на Ханс Цимер.

Својата светска премиера ја имаше лани, на 82. Венециски филмски фестивал, во програмата „Out of competition“, а ја освои наградата за најинспиративен филм или т. н. награда на музата (Cinema and Arts Award) на престижна меѓународна платформа што ги оценува филмовите што беа прикажани во официјалните програми на Венеција. Филмот минатата година беше и македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм. Од премиерата, филмот се закити со бројни интернационални награди и беше прикажан на бројни меѓународни фестивали. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ