среда, октомври 28, 2026
Дома СВЕТ Изборите во Израел без јасен победник: Арапите пресуден фактор за формирање на...

Изборите во Израел без јасен победник: Арапите пресуден фактор за формирање на новата израелска влада без Нетанјаху

546
EPA/ATEF SAFADI

Претседателот на левичарската партија Демократи, Јаир Голан, ги повика опозициските партии собрани околу главниот опонент на премиерот Бенјамин Нетанјаху, Гади Ајзенкот, да се обединат со арапските партии, да формираат влада и со тоа да го соборат Нетанјаху, тврдејќи дека на изборите во вторникот опозицијата освоила 66 места во Парламентот со 120 пратеници. Алијансата на претежно арапски партии во Израел сигнализираше дека е подготвена да помогне во соборувањето на владата на Нетанјаху

Претседателот на левичарската партија Демократи, Јаир Голан, го скрши мразот и предложи некоја арапска партија да биде дел од новата израелска влада. Тој ги повика опозициските партии собрани околу главниот опонент на премиерот Бенјамин Нетанјаху, Гади Ајзенкот, да се обединат со арапските партии, да формираат влада и со тоа да го соборат Нетанјаху, тврдејќи дека на изборите во вторникот опозицијата освоила 66 места во Парламентот со 120 пратеници, во услови кога сè уште не се официјално објавени резултатите, но се очекува Нетанјаху да не го освои потребното мнозинство од 61 пратеник.

– Ние веруваме дека една арапска партија може да биде дел од Владата. Тоа е природно, исправно, соодветно и демократски – изјави Голан за јавниот сервис „Кан“.

Според него, таквото партнерство би претставувало „вистинска промена по години на поттикнување омраза“.

– Имаме мнозинство, имаме одговорност и имаме можност да формираме влада на промени во партнерство со арапските граѓани на Израел. Влада што ќе им служи на сите израелски граѓани. Сега ни се потребни храброст и лидерство. Треба да го запреме стравот и да почнеме да дејствуваме – рече Голан.

Кратко по неговото интервју, партијата Демократи издаде појаснување, нагласувајќи дека тој го изнел само ставот на партијата, која се залага за „промовирање еврејско-арапско партнерство и интеграција на арапските граѓани на Израел во државното раководство по изборите“. Исто така, наведе дека можноста за вклучување арапска партија во идната коалиција „воопшто не била спомената“ во текот на состанокот на опозициските лидери пред одржувањето на парламентарните избори. Пред тој состанок, Гади Ајзенкот, лидер на центристичката опозициска партија Јашар, кој му беше главен противник на премиерот Бернјамин Нетанјаху на изборите, во интервју за „Канал 12“ вети дека нема да ја вклучи партијата Раам, предводена од Арапи со исламистички корени, во ниту една евентуална влада што би ја предводел тој. И други опозициски лидери ја отфрлија можноста за соработка со арапските партии во рамките на својата коалиција.

За разлика од другите опозициски лидери, Голан во повеќе наврати се залагаше за соработка со партијата Раам, повикувајќи ги другите опозициски лидери да го признаат нејзиниот лидер, Мансур Абас, како „легитимен партнер“. Како што наведува „Тајмс оф Израел“, владејачката партија Ликуд на Нетанјаху остро ги критикувала изјавите на Голан, тврдејќи дека тие ги откриваат намерите на опозицијата да формира влада поддржана од арапските партии.

– Реалноста мора да нè научи на една клучна лекција: немаме иднина тука ако не престанеме да се плашиме. И ако не го запреме расизмот, повеќе не смееме да ја прифаќаме расистичката поделба на Нетанјаху помеѓу еврејските и арапските гласови – рече Голлан.

Во меѓувреме, алијансата на претежно арапски партии во Израел сигнализираше дека е подготвена да помогне во соборувањето на владата на Нетанјаху, која е составена од десничарски и од религиозни партии. Јусеф Џабарен, шеф на алијансата „Заедничка листа“, рече дека владата на Нетанјаху го направила животот неподнослив за арапските граѓани.

– Владата на Нетанјаху и екстремно десничарскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, го претворија животот на секој арапски граѓанин во пекол – рече Џабарен, опишувајќи ја поддршката за арапските партии на изборите во вторникот како историска.

Според проекциите засновани на мнозинството преброени гласови, конзервативната исламистичка партија Раам и „Заедничка листа“ треба да освојат вкупно 17 од 120 места во израелскиот парламент, Кнесетот. Тие партии би можеле да играат клучна улога во формирањето на новата влада бидејќи не се очекува ниту блокот на Нетанјаху ниту опозицискиот табор, предводен од поранешниот воен командант Гади Ајзенкот, да освојат парламентарно мнозинство.
Арапите сочинуваат 21 процент од населението на Израел. Во Кнесетот тие имаат свои претставници преку неколку партии, а во три израелски влади досега имало по еден министер Арап.

ИЗДВОЕНИ