Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, изјави дека е неопходна средба меѓу претседателот Володимир Зеленски и Владимир Путин за да се решат најчувствителните прашања од мировниот процес.
Во меѓувреме, Москва сигнализираше дека рускиот претседател е подготвен да ја гарантира безбедноста на украинскиот лидер доколку тој допатува во руската престолнина на разговори, потврди помошникот во Кремљ, Јуриј Ушаков.
На терен, во градот Олешки стапи на сила прекин на огнот за да се овозможи хуманитарна мисија, кој ќе трае до 1 ноември.
Истовремено, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакна дека европските земји суштински не го промениле својот став за конфликтот, иако покажуваат знаци на подготвеност за обновување на дијалогот.
Ушаков: Путин ја гарантира безбедноста на Зеленски доколку тој допатува во Москва
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека на украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе му биде загарантирана безбедноста доколку дојде во Москва, според зборовите на Јуриј Ушаков, помошник на рускиот претседател за надворешна политика, кој зборуваше синоќа.
Како што пренесува новинската агенција ТАСС, Ушаков наведе дека рускиот претседател го изјавил ова за време на вчерашниот телефонски разговор со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе и финскиот претседател Александар Стуб.












