понеделник, август 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА  „Талогот“ ги замати илинденските пораки за единство   

 „Талогот“ ги замати илинденските пораки за единство   

1

Од Крушевската Република и АСНОМ до партискиот фронт

Повици за национално помирување, единство и заедничка грижа за државните интереси беа испратени од државниот врв на годинашното одбележување на Илинден, но празничната атмосфера брзо беше засенета од нова политичка пресметка меѓу власта и опозицијата. Наместо околу пораките за заедништво, јавната дебата се префрли на меѓусебни обвинувања за говорот на премиерот Христијан Мицкоски во Пелинце и употребата на терминот „талог“, по што следуваа остри реакции од СДСМ и возвратни обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ. Празникот кој традиционално се поврзува со идеите за слобода, државност и обединување, повторно стана сцена за продлабочување на политичките поделби.

Политичката пресметка започна со реакција од опозициската СДСМ, од каде го обвинија премиерот дека и на Илинден ја дели Македонија и сите што не мислат како него ги нарекува „талог“.

-Христијан Мицкоски го искористи и најголемиот државен празник Илинден, за да ја продолжи поделбата на народот. Во својот говор повика на борба против „омразата, цинизмот и талогот што ја трујат Македонија“. Кој е тој „талог“ според Мицкоски? Сите што не мислат како него. Сите што ја разобличуваат неговата политика. Сите што бараат Европа, правда и одговорност. Истиот човек кој со години ги нарекуваше граѓаните „талог на општеството“, „мочуриште“, „медиокритети“ и „лешинари“, сега од говорница на Илинден повторно го употребува истиот речник. На денот кога треба да се слави државноста и единството, Мицкоски повторно сее поделба. На денот кога треба да се зборува за иднината, тој повторно напаѓа, обвинија од партијата.

Оттаму запрашаа и што му се случило на Мицкоски во Ташмаруништа и дали е точно дека граѓаните вербално го нападнале незадоволни од неисполнетите ветувања?

Од владејачката, ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија дека СДСМ се препознала во говорот Мицкоски на Пелинце како “талог” и потврдила дека е целосно во координација со надворешни агентурни центри.

-Во текот на вчерашниот ден, за време на одбележувањето на илинденската прослава во селото Ташмаруништа, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата, Христијан Мицкоски, традиционално го посети ова населено место, по неговиот говор во Пелинце. Поздравен од присутните граѓани се движеше низ народот како што прилега на народен лидер, за разлика од претседателот на СДС кој бега од народот на скапи јахти и уплашен преку снимени пораки се обраќа на ден како Илинден. За време на движењето на претседателот Мицкоски низ народот, едно лице во обид да испровоцира инцидент, под дејство на алкохол, дофрлало зборови со непримерна содржина. Лицето било изолирано од присутните граѓани и легитимирано од страна на припадници на МВР. При легитимирањето лицето извадило бугарска лична карта и бугарска патна исправа. Конструкцијата на СДС е уште еден доказ за нивните блиски релации со странски агентурни центри на влијание, а со самопрепознавањето како “талогот” во говорот на претседателот Мицкоски на Пелинце, потврдија дека антимакедонските позиции и анационакните елементи се длабоко вкоренети во СДС како политичка партија, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Мицкоски, во своето обраќање во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, по повод одбележувањето на националниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, порача дека секоја генерација има свој Илинден, со своја мисија и задача, а сегашната има задача да ја зачува државата силна, да ја направи просперитетна, да ја направи праведна и повторно да ја  направи земја во која луѓето ќе веруваат дека вреди да се остане и да се гради  иднината. Мицкоски рече дека никогаш нема да се откаже од борбата Македонија да ја направи подобро место за живеење.

-Никогаш нема да го прифатам нивното однесување на отстапки кон прашањата кои се блокада на нашиот пат кон ЕУ и никогаш нема да го разочарам народот на нашата татковина. Јас предавства на штета на државата и народот, како што се правеше во минатото, по ниту една цена нема да направам. Не паѓајте во замката на талогот кои тие го создаваат. Ве молам внимавајте и не им верувајте на тој талог на неуспеси, цинизам и мразење на се што е успешно. Нашата генерација има обврска да се избори за нешто што е подеднакво важно – да ја сочува душата, да ја врати вербата во институциите, достоинството на чесниот човек и повторно да ја направи надежта најсилната движечка сила на нашето општество, истакна Мицкоски.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, кој се обрати пред споменикот на Методија Андонов Ченто во Скопје, рече дека државата јакнее преку националното помирување и ако сакаме нашата држава да биде пристојно место за живеење, мора да ги надминеме поделбите и да научиме да зборуваме во еден глас за прашањата од национален интерес.

-Факт е дека не само ние, со блокадата на нашата евроинтеграција, туку и оние што нè блокираат – губат, губиме сите, рече Сиљановска-Давкова.

Во отсуство на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој Илинден го честиташе преку честитка до граѓаните, во Крушево се обрати потпретседателот на законодавниот дом, Антонијо Милошоски. Милошоски порача дека Илинден нè учи дека има мигови кога она што нè обединува мора да биде поголемо од она што нè дели и дека можеме да спориме за патот, но не смееме да го изгубиме правецот. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ