Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави дека целосно се реконструира надвозникот „Естакада“, важна сообраќајна врска за Гази Баба и за цело Скопје. Санацијата опфаќа пристапни рампи на вкупна површина од 10.000 квадратни метри, со гребење на постојниот асфалт и со вградување два нови асфалтни слоја. Со нов асфалтен слој ќе биде обновен и самиот надвозник.
– Дополнително, се врши замена на рабниците и на капаците на шахтите, се изработуваат нови асфалтни тротоари, а заштитната пешачка ограда ќе се чисти, санира и бојадисува – информираше Ѓорѓиевски.
Вкупната должина на коловозот што се реконструира изнесува 1,5 километри.
Според Ѓорѓиевски, ова е вложување во безбедноста, подобрата поврзаност и во поквалитетното секојдневие на илјадници наши сограѓани.
Скопскиот градоначалник наведе дека надвозникот „Естакада“ се наоѓа на еден од најфреквентните влезови и излези од градот и претставува значајна сообраќајна артерија за илјадници граѓани, кои секојдневно се движат кон и од општините што гравитираат во овој дел од Скопје.
– Тука секојдневно минуваат работници, ученици, семејства, компании и товарен транспорт. Затоа наша обврска е да биде безбедна, функционална и достоинствена оваа сообраќајна врска – дециден е Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека Скопје заслужува модерна, безбедна и функционална инфраструктура.
Притоа, истакна дека ќе се продолжи со санација и реконструкција на сите мостови во градот каде што е потребно.
(А. П.)












