– Религијата не треба да биде средство за конфронтација, туку ресурс за дијалог, помирување и градење на заедничка иднина – истакна државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова, на отворањето на Четвртата светска конференција за религиски дијалог и соработка, посветена на темата „Религијата како оружје на војната: во минатото, сегашноста и иднината“, која се одржува во Скопје, од 22 до 26 јуни.

Поздравувајќи ги учесниците од земјава и од странство, претставниците на академската заедница, верските заедници и институциите, Ѓоргова истакна дека конференцијата се одржува во период на сериозни глобални предизвици, обележани со вооружени конфликти, мигрантски кризи, зголемена нетолеранција и сѐ почести обиди за злоупотреба на духовните вредности за политички и за идеолошки цели.

Во своето обраќање, таа нагласи дека историјата покажува оти религијата, кога е инструментализирана од политички и од економски интереси, може да биде искористена за создавање страв, поделби и страдања, но дека нејзината суштинска улога е да ги промовира човечноста, достоинството, мирот и заедничкото добро. Таа ја потврди посветеноста на Министерството за поддршка на иницијативите што ги унапредуваат интеркултурализмот, научната соработка и општествената кохезија, а ја поздрави и иницијативата за усвојување и промоција на Декларацијата 2026 како значајна порака за мир, разбирање и меѓусебно почитување.

 

ИЗДВОЕНИ