„Мојот сопруг никогаш не погледнал друга жена, ниту како млад, ниту сега кога сме заедно 20 години. Го поддржувам до смрт, тој е невин и ова е заговор против него“, изјавила сопругата на скопјанецот Мишко Л. (43), обвинет за убиството на 45-годишната Гркинка Ставрула Левендаки на Крит, објави грчката телевизија „Мега“.
И покрај нејзините тврдења, Мишко, според грчките медиуми, веќе го признал делото и детално опишал како се случило убиството на Ставрула, со која бил во интимна врска и живеел како потстанар во нејзин објект.
Грчкиот весник „Прототема“ објави делови од неговото сведочење, во кое раскажал дека за време на расправија на 30 мај ја удрил жената со шише по главата, по што помислил дека е мртва. Кога таа покажала знаци на живот, ја прободел со нож во пределот близу срцето, а откако повторно се освестила, ја удрил со дрвена греда. Потоа, според неговото признание, телото го закопал на нива на која претходно работел.
Пред истражните органи, Мишко изјавил дека тој ден користел канабис и дека немал намера да ја убие жената. Како мотив навел дека Ставрула му се заканувала дека ќе ја извести неговата сопруга дека ја силувал, додавајќи дека со години имале конфликтна и интимна врска.
Според грчките власти, истрагата, ДНК анализите и сведочењата довеле до идентификување на осомничениот. Ставрула Левендаки се водела како исчезната од 30 мај, а нејзиното исчезнување било пријавено во полиција на 8 јуни. Случајот предизвика силни реакции во грчката јавност и доби големо медиумско внимание, при што речиси сите поголеми медиуми известуваа за деталите од убиството што се случило на островот Крит.












