Во галеријата на Етномузејот во Македонскиот комплекс – Нерези e поставена самостојната изложба на доц. м-р Марија Рашковиќ, насловена „Светлосни фрагменти“, проект поддржан од Музејот на Македонија. Изложбата одбележува десет години активно и континуирано творештво на авторката, чие уметничко изразување е силно инспирирано од богатото македонско народно творештво и традиција.

Според Виолета Калиќ, историчар на уметност, ангажманот на уметницата претставува синтеза помеѓу традицијата и современиот израз, непосредно инспирирана од повеќеслојната и разновидна културна ризница на Република Македонија, која е импресивна поврзница на изминатите милениуми.

На изложбата, која за јавноста е отворена до 6 јуни,  се претставени 33 столни ламби, сите изработени во различни материјали и со различна приказна и украсени со етноорнаменти, кои на современ и креативен начин ја истакнуваат поврзаноста меѓу културното наследство и применетата уметност.

Етноелементите насликани на ламбите се носители на нашата традиција и културна меморија. Тие не се само украс туку сведоштво за вредностите, вештината и убавината што се пренесувале од генерација на генерација.

Покрај ламбите во етностил, изложени се и дела во современ дизајн. Иако формата е модерна, во нив сè уште е присутен духот на традицијата, преточен на нов и поинаков начин.

Така, светлината станува врска меѓу минатото и сегашноста, меѓу традицијата и современиот дизајн.

ИЗДВОЕНИ