понеделник, октомври 26, 2026
Дома СВЕТ Шведска им забрани на државните службеници користење на „Чет-ГПТ“ и „Клод“: Се...

Шведска им забрани на државните службеници користење на „Чет-ГПТ“ и „Клод“: Се стравува за безбедноста при обработката на чувствителни податоци

25
Фото:пекселс

Од денес стапува на сила забрана за користење на веб-верзиите на „Чет-ГПТ“ и „Клод“ од страна на вработените во шведската јавна администрација, поради загриженост во врска со безбедноста при обработката на податоци.

На вработените повеќе не им е дозволено да ги користат веб-верзиите на „Чет-ГПТ“ (на „ОпенАИ“ и „Клод“ (на „Антропик“) на своите службени компјутери, откако се појавија сомнежи за безбедноста при обработката на чувствителни податоци.

Одлуката следи по проценката, спроведена претходно оваа година, на алатките со вештачка интелигенција што ги користеле вработените во Шведската управа за транспорт. Проценката открила „проблематични“ начини на користење на платформите со вештачка интелигенција при извршувањето на службените должности во јавниот сектор.

Надлежните изразија загриженост дека внесувањето чувствителни податоци во овие модели – без претходен договор со кој се уредува нивната заштита и безбедност – може да доведе до тоа податоците да бидат вградени во самиот модел и задржани за цели на негово понатамошно обучување.

Користењето платформи кои не се ниту регулирани, ниту заштитени со такви договори – практика позната како „сенчеста ИТ“ (shadow IT) – може да има „последици по безбедноста на нашите информации“, изјави Микаел Ветеркранц, директор за дигитализација во шведската влада. Како алтернатива се препорачува „Копилот„ на „Мајкрософт“, кој поминал низ безбедносна проверка и е опфатен со безбедносен договор помеѓу американската компанија и шведската влада.

Вработените во јавниот сектор и понатаму ќе можат да користат вештачка интелигенција при извршувањето на своите задачи, но под построги безбедносни контроли. Само ограничен број вработени ќе смеат да продолжат со користење на „Чет-ГПТ“ и „Клод“, и тоа исклучиво преку посебна платформа за ВИ-асистенти, развиена од шведските власти.

Според шведскиот јавен сервис „Сверигес радио“ (Sveriges Radio), ограничувања за користење на „Чет-ГПТ“ и „Клод“ се воведени и во Шведската даночна управа, како и во Националниот одбор за институционална грижа. Шведската управа за извршување (Swedish Enforcement Authority) моментално го разгледува ова прашање.

Овие платформи со вештачка интелигенција, заедно со „ДипСик“ (DeepSeek), се најдоа на листата на алатки кои шведската влада не ги одобрила, поради загриженост за безбедноста на податоците. Минатата недела, Соединетите Држави објавија забрана за сите производи и услуги од кинеската компанија за вештачка интелигенција „ДипСик“.

ИЗДВОЕНИ