Детските градинки и основните училишта на територијата на Општина Гази Баба добија висококвалитетни прочистувачи на воздухот.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски истакна дека во оваа фаза сите занимални во детските градинки на територијата на Општина Гази Баба се опремени со прочистувачи на воздухот, обезбедувајќи поздрава и побезбедна средина за престој на нашите најмлади.
-Паралелно со оваа активност, започнавме и со поставување на прочистувачи на воздухот во основните училишта. Нашата цел е јасна и амбициозна – во следниот период да обезбедиме прочистувач на воздухот за секоја училница на територијата на општината – вели Стефковски.
Станува збор за високо квалитетни прочистувачи кои располагаат со најсовремена технологија и трослојна филтрација: предфилтер за задржување на крупни честички и прашина, HEPA филтер од класа H13, кој задржува најмалку 99,995% од честичките со големина ≥ 2,5 µm и е високо ефикасен во задржување на бактерии и вирусни аеросоли, јаглен филтер (Carbon) за апсорпција на непријатни мириси, чад и штетни гасови.
Дополнително, уредите имаат покривна површина од минимум 50 квадаратни метри, CADR капацитет од најмалку 500 m³/h, автоматски режим на работа според квалитетот на воздухот, PM 2.5 сензор со визуелен индикатор, детска заштита (Child Lock), индикатор за замена на филтер, тивок режим на работа, енергетски ефикасен дизајн и заштита од прегревање.
-Реализацијата на овој проект е од исклучително значење бидејќи директно придонесува за заштита на здравјето на децата, подобрување на условите за учење и престој, намалување на изложеноста на штетни честички и создавање поздрава образовна средина – соопштија од Општина Гази Баба.












