Новите европски царински регулативи донесоа дополнителни обврски за превозниците и за компаниите што внесуваат стока во Хрватска. Иако личниот багаж на патниците останува ослободен од декларации, на сила се строги правила за дозволените количества и видови производи. Особено се контролира внесувањето на месо, млеко и други производи од животинско потекло од земји кои не се членки на Европската Унија. За прекршителите се предвидени конфискација на стоката и високи парични казни

Од почетокот на овој месец, во Хрватска стапија на сила новите царински правила кои се во согласност со европските регулативи за контрола на стоки што влегуваат на територијата на Европската Унија.

Новините предвидуваат задолжително поднесување електронски скратени декларации за влез (USD) за стоки кои пристигнуваат преку патен и железнички сообраќај. Според новите прописи, обврската за поднесување на декларацијата најчесто ја има превозникот, но тоа може да го направат и примачот на стоката или овластен застапник. За таа цел, сите учесници во постапката мора да располагаат со активен ЕОРИ-број регистриран во Европската Унија.

Царинските власти прецизираат дека декларациите мора да бидат поднесени најмалку еден час пред пристигнувањето на граничниот премин во патниот сообраќај. Кај железничкиот транспорт, рокот изнесува еден час пред пристигнување доколку патувањето од последната станица трае помалку од два часа, а во сите останати случаи најмалку два часа однапред.

Новите правила не се однесуваат на личниот багаж на патниците, под услов предметите да се наменети за лична употреба и да немаат комерцијален карактер. Сепак, остануваат на сила ограничувањата за ослободување од плаќање царина и ДДВ. Така, патниците кои пристигнуваат по воздушен или поморски пат можат да внесат стоки во вредност до 430 евра, додека лимитот за патен и железнички сообраќај изнесува 300 евра. За лица помлади од 15 години максималната вредност е ограничена на 150 евра.

Во однос на акцизните производи, полнолетните патници можат да внесат до 40 цигари, еден литар жесток алкохолен пијалак со повеќе од 22 проценти алкохол или два литри пијалаци со пониска алкохолна содржина. Дополнително, дозволено е внесување на четири литри вино и до 16 литри пиво. Од царинската управа потсетуваат дека градежен материјал, мебел, резервни делови и слични производи не се сметаат за личен багаж и за нив се применува редовна царинска постапка.

Посебно внимание ќе се посветува на контролата на храна што патниците ја внесуваат од земји кои не се членки на Европската Унија, меѓу кои се Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Согласно со важечките правила, забрането е внесување месо, млеко, како и производи што содржат месо или млечни состојки. Исклучок се одредени производи како мед, јајца, храна за бебиња и специјална храна за домашни миленици, кои можат да се внесуваат во количество до два килограма, под услов да не бараат ладење пред отворање. Без посебни ограничувања останува внесувањето леб, колачи, чоколадо и тестенини, доколку се наменети за лична употреба и не содржат месни производи.

Хрватските власти предупредуваат дека непријавените производи кои ги надминуваат дозволените количества ќе бидат одземени и уништени. Покрај конфискацијата, патниците кои ќе ги прекршат правилата можат да се соочат и со значителни парични казни.

Новите мерки се дел од поширокиот систем на зајакната царинска контрола во Европската Унија, чија цел е подобро следење на движењето на стоки, заштита на безбедноста и спречување на внесување производи кои не ги исполнуваат европските стандарди.

 

 

ИЗДВОЕНИ