Голема радост во семејството на омилената водителка и пејачка пред скорешниот настап на нашиот фестивал. “Во Охрид сум била безброј пати, уште од училишните екскурзии, во времето на Југославија. Легендарниот менаџер Велибор Џаровски-Џаро често знаеше на шега да ми каже: „Ќе те фрлам вo Eзеро“! Една година летував во Охрид со моите ќеркички, кога беа уште мали. И ден-денес, тие се сеќаваат на македонските зборови „благодарам“ и „како се викаш?“
Седумдесетгодишната балканска естрадно-водителска ѕвезда, Сузана Манчиќ, годинава ќе биде дел од 33. издание на интернационалниот музички фестивал „Охридфест 2026“, на 27 август, на сцената на Долни Сарај. Но, нејзиниот настап не предизвикува големо внимание само поради тоа што сè уште е многу згодна, шармантна, харизматична туку и затоа што сега доаѓа во Охрид како вистинска баба – на своето внуче. Како што вели, ова е најубавата животна улога што ја имала досега. Не ги крие радоста и емоциите поради доаѓањето на новиот член во семејството, а среќата што ја чувствува, како што вели, не може да се спореди апсолутно со ништо.
0 Дали имаше солзи радосници кога сфативте дека Вашиот живот добива една поинаква смисла? Со што се соочивте во првиот миг?
– Со една таква среќа што не е споредлива со ништо. Да се добие внуче е навистина нешто особено. Многу сме блиски јас и ќерка ми Теодора и ги следев сите нејзини подготовки за породувањето. Имав ужасна трема, многу поголема отколку кога јас ја донесов на свет. Токму поради тоа тој ден само ми јавија дека сè поминало добро, дека и бебето и мајката се во добра состојба. Тоа беше едно необично чувство на гордост. Мојата Теодора стана мајка! Јас станав баба! Особено бев воодушевена од фактот што Наталија, мојата помлада ќерка, присуствуваше на породувањето и цело време ја бодреше својата сестра. Сето тоа се случуваше во текот на ноќта. Не сакаа да ме разбудат за да не внесам некоја евентуална паника. Се плашев како ќе помине сето тоа. Така што сè уште не сум целосно свесна за тие слатки промени што допрва ми следуваат во животот.
0Што би сакале да знае Вашиот внук еден ден за Вас, неговата баба, која е најважната животна лекција, вредност или порака што сакате да му ја пренесете уште во неговите први денови?
– Ќе го знае тој тоа што другите ќе му го раскажуваат, пред сè родителите, а ќе го знае и она на што ќе се сеќава од своето рано детство. Секако, ќе знае дека неговата баба била убава, весела, умна, дружељубива, насмеана и успешна жена, која оставила свој белег на овие простори. Инаку, внукот го носи старото српско име Мијат. Особено сум горда за тоа.
Настапот на Сузана на „Охридфест 2026“ ќе биде одбележан и со означувањето 50 години од нејзината богата и успешна кариера – пет децении исполнети со музика, телевизија, актерство, новинарство, писателство и со незаборавни моменти поради кои со години важи за една од најомилените познати личности на просторите на поранешна Југославија.
0Што претставува за Вас настапот на охридскиот фестивал, кој повеќе од три децении ги обединува музичарите од целата поранешна југословенска естрада? На сцената отсекогаш сте пленеле со харизмата, шармот и со позитивната енергија. Што може да очекува публиката на „Охридфест“ од Вашиот настап?
– Неброено пати сум пеела и гостувала во Македонија, било на концерти, на турнеи, на телевизија, но првпат доаѓам на „Охридфест“. Навистина сум многу среќна поради тоа. Ќе ја изведам дуетската песна со Ѓоле Боем, дело на композиторот и хитмејкер Григор Копров. Веќе ја снимивме песната во студио, а мојот колега Ѓоле постојано ме потсетува и ме прашува: „Дали ја вежбаш песната?“ Не знае тој со кого си има работа, кога еднаш ќе научам нешто, тоа останува научено! Мене македонскиот јазик не ми е проблем, иако ќе се пее на српски. Јазиците ми одат, впрочем, не за џабе сум водителка, пејачка, ТВ-лице. Така што добрата песна е секогаш добра песна.
А, јас и Ѓоле имаме навистина многу добра песна. Изненадување може да биде само тоа што ќе облечам за на сцена. Ќе видите, нема да останете рамнодушни. Инаку, пред и по фестивалот очекувам средби со новите и со старите колеги, например со мојата драга Цветанка Ласкова, со вас новинарите, со публиката, секако, и малку возење по Езерото. Се надевам дека ќе добијам или ќе си купам еден блескав охридски бисер.
0Охрид важи за еден од најубавите градови на Балканот. Што најмногу би сакале да видите или доживеете во текот на Вашиот престој тука, на нашето, како што го викаме нагалено, македонско море?
– Во Охрид сум била безброј пати, уште од училишните екскурзии, во времето на Југославија, па сè до настапите и концертите. Легендарниот менаџер Велибор Џаровски-Џаро често знаеше на шега да ми каже: „Ќе те фрлам во Езеро“. Една година дури и летував во Охрид со моите ќеркички, кога беа уште мали. И ден-денес се сеќаваат на македонските зборови „благодарам“ и „како се викаш?“, кои тогаш ги научија и со насмевка ги кажуваа кога се вративме дома, во Србија.
0Публиката Ве памети како една од најомилените телевизиски и музички ѕвезди во поранешна Југославија. Кое е Вашето прво сеќавање што Ви буди најсилни емоции денес?
– Имам навистина многу спомени, кои траат цел живот. Токму затоа напишав две автобиографски книги, за да не се заборави еден возбудлив и богат живот каков што е мојот. Во нив се собрани најинтересните приказни од животот и од мојата кариера. За жал, книгите сѐ уште не се преведени на македонски јазик. Ако се најде некој заинтересиран, јас би била многу среќна.
0Музичката сцена денес изгледа многу поинаку отколку кога ги остварувавте Вашите први големи успеси. Што е, според Вас, најважно да поседува еден млад изведувач за да изгради долга и успешна кариера?
– Упорност и само упорност! Ако сте ги допреле ѕвездите, не дозволувајте да ве залаже тоа. Популарноста е расиплива работа, денес сте ѕвезда, сите ве бараат, а утре ве нема никаде. Затоа имајте ум в глава. Правете внимателен избор на песните и на соработниците, имајте ги точноста и професионалноста. И постојано работете на себе. Малку ли е тоа за континуиран успех?

0Каква порака би им упатиле на публиката во Македонија и на сите љубители на „Охридфест“, на нас, новинарите, кои Ве очекуваме со голема нестрпливост?
– Се надевам дека македонската публика не ме заборавила. А, ако евентуално ме заборавила, ќе има можност повторно да ме запознае, ха, ха, ха, ха…. И јас со нетрпение чекам да се видиме, заедно да пееме и пиеме од македонските вина, да другаруваме.
Д.М. / фото: приватна архива












