Објавени се ждрепката и распоредот на борбите за првиот ден од Светското првенство во кикбокс, кое се одржува во Лидо ди Јесоло, Италија. Македонската репрезентација веќе ги дозна противниците на дел од своите натпреварувачи, а стручниот штаб веќе ги подготвува тактиките и стратегиите за настапите.

Во првиот натпреварувачки ден, шестмина македонски борци ќе имаат свои настапи. Тројца ќе се натпреваруваат во татами-дисциплините, а тројца ќе настапат во ринг-дисциплините.

Во кик-лајт, на Татами 3, Драган Пандев, во категоријата до 63 килограми за јуниори ќе се бори против Ејдан Лок од Велика Британија. На Татами 4, Димитар Јачев во категоријата до 69 килограми ќе ги одмери силите со Ејдан Џон Брумер од Јужна Африка, додека Марко Баснарков во категоријата до 74 килограми ќе се соочи со Италијанецот Кристијан Арборе.

Во рингот, пак, Милан Нешевски во лоу-кик до 71 килограм за постари јуниори ќе се бори против Мартим Серето од Португалија. Давид Атанасовски во категоријата до 63,5 килограми за помлади јуниори ќе има дуел со Гркот Танасис Героглус, додека Глигор Николов во категоријата до 67 килограми ќе се соочи со Мухамадиброхим Рафикжонов од Киргистан.

Останатите македонски репрезентативци кои немаат борби во првиот ден се Андреј Смилевски, Калин Бабоски, Иван Кукуновски, Андријано Димишковски, Петар Лозановски, Петар Илковски, Туркер Исмаил, Сергеј Ушлиновски, Марија Димовска, Антонија Тасева, Драгица Глигорова и Томи Андонов.

Дел од нив веќе имаат познати противници, додека други ќе ги дознаат своите следни ривали по завршувањето на претходните борби во нивните категории. Во К1 Андреј Смилевски го чека победникот од дуелот меѓу Рајан Тведл од Велика Британија и Александрос Мутидис од Грција.

Калин Бабоски во лоу-кик ќе го чека победникот од пресметката меѓу Султонмурод Раимкулов од Узбекистан и Калис Лефевр од Франција. Иван Кукуновски ќе се соочи со Аиридас Навикас од Литванија, додека Андријано Димишковски ќе има дуел со Украинецот Матви Кујаветс.

Петар Лозановски исто така ќе го чека победникот од мечот меѓу Вук Ловриќ од Србија и Симеон Иванов од Бугарија. Петар Илковски ќе се бори против Хамоди Абас од Израел, а Туркер Исмаил ќе го чека победникот од мечот меѓу Аимилиос Калентеридис од Грција и Ерман Шехиќ од БиХ.

Во останатите категории, Сергеј Ушлиновски ќе се соочи со Диван Бресер од Јужна Африка, Марија Димовска со Хана Тур од Полска, додека Антонија Тасева ќе го чека победникот од мечот меѓу Ксиерра Килау од Канада и Олга Мосик од Полска. Драгица Глигорова ќе се бори против Адријана Алзбета од Словачка, а Томи Андонов ќе ги одмери силите со Ринат Уралбај од Казахстан во К1 за помлади јуниори над 81 килограм.

На свеченото отворање на шампионатот присуствуваше и конзулот во Генералниот конзулат на Македонија во Венеција, Фросина Ременска, која одржа пригоден говор. Таа им посака среќа и успех на сите учесници, а на македонските репрезентативци им посака успешни настапи и освојување медали со кои достојно ќе ја претстават Македонија.

Македонските борци сега ги очекуваат првите настапи, а стручниот штаб веќе ги подготвува тактиките за секој од нив, со главна цел да има што повеќе успешни настапи и да се избегнат повреди.

ИЗДВОЕНИ