понеделник, септември 21, 2026
Дома КУЛТУРА Петре Арсовски: Македонската кинематографија е рамо до рамо со европската и со...

Петре Арсовски: Македонската кинематографија е рамо до рамо со европската и со светската

1

– Наградата на ДФРМ за мене е посебна затоа што ја добивам од моите многу драги и строги критичари. Сум работел и со странци и со филмски работници од регионот и сметам дека македонските филмски работници не заостануваат во ништо, рече актерот Петре Арсовски, добитникот на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ која му беше врачена на отворањето на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Наградата ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија за исклучителен придонес во македонската кинематографија.

Арсовски посочи и дека како актер, покрај режисерот, мора да се има соработка и со кинематограферот бидејќи тој е оној што забележува сè што ќе одигра актерот.

– Соработката меѓу кинематограферот и мене секогаш давала чудесни резултати бидејќи тие не се само сниматели, тие се автори кои имаат безброј начини како ќе го пренесат актерот. И затоа сојузот со кинематограферот е најважен, посочи Арсовски и подвлече дека сега начинот на снимање е сменет, но посветеноста не е различна.

Истакна дека македонската кинематографија е рамо до рамо со европската и светската кинематографија.

– Сега се појавија некои млади нови имиња кои добиваат награди на фестивали во светот и во регионот, еве и филмот на Дина Дума („Скејтбордингот не е за девојчиња“) ми се допадна и среќен сум поради тоа. Слободно можам да ги закачам копачките на ѕид и да уживам во тоа што го прават тие, додаде Арсовски.

ИЗДВОЕНИ