Мојата реакција на изречената пресуда на четворицата команданти на ОВК од страна на Специјализираниот суд во Хаг беше лична и не е поврзана со функцијата претседател на Собранието која што сега ја извршувам. Ова денеска го изјави претседателот на македонскиот парламент Африм Гаши на редовниот брифинг со новинарите. Тој одговараше на новинарски прашања врзано за неговата објава на социјална мрежа Фејсбук во која реагираше на изречената пресуда на поранешниот претседател на Косово и заповедник на ОВК, Хашим Тачи на 25 години затвор, како и на пресудите на Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи за најразлични злосторства. Во својата реакција Гаши неодамна наведе дека тие „ припаѓаат на славно поглавје во историјата и дека за албанскиот народ тие се и остануваат ослободители на Косово“.
На брифингот Гаши одговори дека тоа првенствено било негова личен став.
-Изјавата беше дадена од приватен и персонален аспек, не од позиција на или функција претседател на Собранието. Таа беше објавена на мојот личен профил на социјални мрежи и таа содржеше мојот личен став околу тоа прашање. Може да се разграничи кога јас истапувам со личен став а кога како претседател на Собранието. Очекувам и вие и граѓаните да сфатите дека личноста Африм Гаши не може да биде 24 часа претседател на Собранието. Затоа, свесен дека тоа не го кажувам од позицијата на претседател на Собранието, тоа беше мој личен став, од мое политичко минато. Затоа беше јасно дека никаде не се повикав на Собранието и институцијата. Би сакал граѓаните да ме разберат дека тоа беше мојот личен став кој не треба да се меша со функцијата која што ја обавувам – рече Гаши.
На прашањето дали лично смета дека оние што сториле воени злосторства може „да му припаѓаат на славното минато“, како што навел во објавата, Гаши одговори:
-Навлегувате во сензитивноста. Мојата порака беше јасна и секогаш сакав да направиме дистинкција помеѓу тоа што е праведна војна, и за што се залагал една народ и што правеле индивидуи. За тоа што кој правел може секој да си одговара и судиите тоа ќе го кажат. За мене е битно да се направи дистинкција меѓу тоа за што се борел еден народ, а што може индивидуално да направи еден човек – нагласи тој.
На забелешката дека судот не се достанцираше од војната на УЧК, Гаши додаде дека не неговиот пост одел во таа насока.
-Јас не сум политичар од контроверзи. Сакам да останам повеќе инсттуционелен и само кога навистина чувствувам голема тежина која сакам да ја искажам. И заради моето политичко минато. Јас не сум дојден од улица во Собранието, некој да рече овој е добар дечко па ајде да го гласаме за претседател на Собрание. Моето политичко минато ме наведува некогаш да давам такви изјави. Се надевам дека ме разборате – потенцира тој. (Б.Ѓ.)












