„Човечкиот живот нема цена, ниту една пресуда не може да ги врати нашите најмили, но правдата е најмалку што државата им го должи на жртвите, повредените и нивните семејства“, велат семејствата во писмото до јавноста
Семејствата на загинатите и повредените во трагедијата кај Ласкарци излегоа со реакција по одлуката на Врховниот суд со која е укината пресудата за обвинетите и предметот повторно е вратен пред Апелацискиот суд. Во писмото до медиумите тие велат дека со неверување и со силно чувство на неправда ја примиле одлуката, за која сметаат дека дополнително ја нарушува довербата на граѓаните во правосудниот систем.
„Сметаме дека ваквата одлука дополнително ја поткопува и онака сериозно нарушената доверба на граѓаните во правосудниот систем. Ова не претставува само неуспех на правосудниот систем, туку и сериозен удар врз целото општество“, стои во писмото на семејствата.
Тие потсетуваат дека од трагедијата поминаа повеќе од седум години, а судската постапка трае шест години и зад себе има повеќе од 150 одржани рочишта. Според нив, одлуката на Врховниот суд повторно ги оживува болните спомени и трауматичните сеќавања од трагичниот настан и дополнително го одложува донесувањето на правична судска одлука за жртвите, повредените и нивните семејства, кои со години ја очекуваат конечната и правична разрешница.
„Трагедијата не заврши со денот на трагичниот настан. Таа остави тешки и долготрајни психолошки и здравствени последици врз семејствата. За жал, некои од родителите кои ги загубија своите деца, меѓу кои Благојче, Митко, Љупче и Сретен, не ја дочекаа правдата што со толку години ја очекуваа“, наведуваат семејствата.
„Потсетуваме дека човечкиот живот нема цена. Ниту една пресуда не може да ги врати нашите најмили, но правдата е најмалку што државата им го должи на жртвите, повредените и нивните семејства“, порачуваат најблиските на жртвите во сообраќајката кај Ласкарци.
Семејствата велат дека од правосудството не бараат ништо повеќе од одлука заснована врз фактите и доказите што биле изнесени во текот на судскиот процес. Според нив, тие докази треба да покажат кои биле причините што довеле до трагедијата и врз основа на нив, во првостепената, а потоа и во второстепената постапка, да биде утврдена одговорноста.
„Она што го бараме е правда заснована на фактите и доказите изнесени во текот на судскиот процес, кои недвосмислено укажуваат на причините што доведоа до трагедијата и врз основа на кои беше утврдена одговорноста во првостепената постапка, а потоа и во второстепената, без понатамошно одолговлекување и без никаков компромис во утврдувањето на одговорноста за изгубените човечки животи“, стои во реакцијата.
Од семејствата порачуваат дека законот мора да важи еднакво за сите и дека правдата мора да биде достапна за секој граѓанин.
Реакцијата на семејствата следува откако Врховниот суд на 9 септември ја уважи вонредната ревизија на шестемина осудени и ја укина пресудата на Апелацискиот суд Скопје од 17 април 2025 година. Предметот е вратен на повторно одлучување пред Апелација.
Врховниот суд не донесе ослободителна пресуда и не утврди дека обвинетите се невини. Клучната забелешка е дека Апелација не дала доволно јасни и конкретни одговори на прашањата од одбраната и не образложила доволно врз основа на кои факти и докази е утврдено дека секој од обвинетите придонел за настанувањето на несреќата. Врховниот суд бара да се разјасни причинско-последичната врска меѓу техничката неисправност на автобусот и несреќата, но и конкретниот придонес на секој од обвинетите. Во одлуката се укажува и дека во вештачењата било констатирано дека немало траги од сопирање на автобусот, а Апелација не дала доволно објаснување што значи овој факт за утврдувањето на причините за несреќата. Сега Апелацискиот суд повторно треба да ги разгледа жалбите и доказите и да донесе нова одлука, при што ќе мора да ги земе предвид укажувањата на Врховниот суд.
За семејствата, останува истото прашање со кое живеат од 13 февруари 2019 година – кога конечно ќе има правична и конечна судска разрешница за трагедијата во која 16 луѓе ги загубија животите, а десетици беа повредени.(П.А.)












