Деловната империја на семејството на американскиот претседател Доналд Трамп сè посилно се поврзува со процутот на вештачката интелигенција (ВИ), токму во моментот кога Трамп се противи на повиците за забавување на развојот на таа технологија.

Ова го покажува анализата на Washington Post, заснована на неговите финансиски извештаи и деловни објави.

Трамп има личен финансиски интерес во компании кои профитираат од забрзаниот развој на вештачката интелигенција, што, според неговите критичари, отвора можност за судир на интереси додека неговата администрација донесува одлуки што можат да влијаат врз вредноста на тие инвестиции.

За разлика од своите неодамнешни претходници, Трамп не го стави својот имот во слеп фонд (blind trust), туку продолжи да купува и продава акции и по враќањето во Белата куќа.

Белата куќа ги отфрла тврдењата за судир на интереси. Портпаролот Дејвис Ингл изјави дека со инвестициите управуваат независни менаџери преку компјутерски модели кои ги следат признатите берзански индекси, како и дека Трамп и членовите на неговото семејство не можат да одлучуваат за тоа што ќе биде купено или продадено.

Инвестициските сметки на Трамп покажуваат речиси 30.000 трансакции со хартии од вредност откако се врати во Белата куќа. Меѓу нив се и купувања на акции од компании кои произведуваат чипови, сервери и енергетска инфраструктура потребна за развој на вештачката интелигенција. Тој купувал, меѓу другото, акции од компаниите „Dell“, „Micron“ и „GE Vernova“.

Не е познато дали Трамп сè уште ги поседува тие акции, бидејќи ги нема обврските да ги објавува своите трансакции во реално време. Неговите финансиски пријави исто така покажуваат купување акции од компаниите „Broadcom“, „Texas Instruments“, „Credo Technology“ и „Super Micro Computer“, кои се поврзани со инфраструктурата за центри за податоци и вештачка интелигенција.

Трамп веќе го поврзуваше растот на сопствените приходи со растот на берзата.

„Знаете зошто заработувам? Затоа што берзата расте. Сите заработуваат“, изјави тој во јули.

Според пресметките на компанијата Raymond James Investment Management, акциите поврзани со вештачката интелигенција годинава се заслужни за околу две третини од растот на индексот S&P 500.

Истовремено, кон индустријата за вештачка интелигенција се свртуваат и компаниите поврзани со семејството на Трамп.

Trump Media & Technology Group, сопственик на социјалната мрежа Truth Social, подготвува спојување со компанијата за нуклеарна фузија TAE Technologies, која планира да гради електрани во време на силен раст на потрошувачката на електрична енергија предизвикан од развојот на центрите за податоци.

Truth Social исто така сака на компаниите од AI секторот да им продава пристап до своите објави за тие да можат да ги користат за тренирање модели. Платформата веќе користи пребарувач заснован на технологијата на компанијата Perplexity.

Доналд Трамп Јуниор е партнер во инвестициската компанија 1789 Capital, која инвестира во компании поврзани со вештачка интелигенција и центри за податоци, меѓу кои се Cerebras Systems, Perplexity и xAI.

Ерик Трамп преку компанијата American Ventures инвестира во одбранбени и роботски компании кои користат ВИ технологија.

Браќата го покренаа и проектот American Data Centers, кој подоцна беше споен со крипто компанијата American Bitcoin.

Сите овие случувања се случуваат во момент кога дел од технолошките лидери и истражувачи бараат посилни безбедносни мерки за сè помоќните системи на вештачка интелигенција. Меѓу оние кои предупредуваа дека развојот на технологијата би можел да ја надмине способноста на лабораториите да ја контролираат се наоѓаат и челниците на компаниите Anthropic, OpenAI и xAI.

Трамп таквите предупредувања во последниве денови главно ги отфрлаше. Washington Post заклучува дека така личните и семејните бизнис-интереси на Трамп сè повеќе се преплетуваат со една од најважните политички дебати на неговата администрација – колку брзо да се развива вештачката интелигенција и колку силно да се регулира оваа индустрија.

ИЗДВОЕНИ