Рокот за изведба на поврзувањето од Кисела Вода до влезот на Лимак е до наредната година, а веднаш потоа ќе се пристапи и кон последната фаза, односно кружниот тек кај зградата на НИП, со што целокупниот проект треба да биде функционално поврзан. Според динамиката на реализација, целосната подземна сообраќајница се очекува да биде ставена во функција до крајот на 2028 година или почетокот на 2029 година
Првата фаза од проектот за првата подземна сообраќајница во Скопје, на потегот од Кисела Вода, е завршена за само 90 дена, а во моментов се работи на втората фаза.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека останува да се довршат осветлувањето и системот за заштита од пожари, како и асфалтирањето. Според него, овие активности ќе се реализираат во завршната фаза, по завршувањето на останатите градежни активности.
– Рокот за изведба на поврзувањето од Кисела Вода до влезот на Лимак е до наредната година, а веднаш потоа ќе пристапиме и кон последната фаза – истакна Ѓорѓиевски.
Последната фаза ќе го опфати и кружниот тек кај Нова Македонија, со што целокупниот проект треба да биде функционално поврзан.
Според динамиката на реализација, целосната подземна сообраќајница се очекува да биде ставена во функција до крајот на 2028 година или почетокот на 2029 година.
– Јас ветив дека до крајот на мојот мандат ќе ја изработам првата фаза, а таа сега е завршена за 90 дена – посочи градоначалникот.
Ѓорѓиевски нагласи дека Град Скопје има капацитет и обезбедени средства за реализација на проектот, со дополнителна финансиска поддршка од Владата.
– Имаме капацитет, имаме средства како Град Скопје, Владата ни помогна со средства, така што со силно темпо одиме напред – порача градоначалникот.
(А. П.)












